Get Adobe Flash player

ADAC ги поместува границите
29.08.2008
adac-renault-laguna-crash-t.jpgКраш тестот на ADAC на фронтален судар направен при брзина од 80 km/h покажува загрижувачки резултати дури и кај автомобилите кои на EuroNCAP покажале најдобри резултати.

Стандардната процедура за проценка на безбедноста на автомобилите во EuroNCAP при фронтален судар подразбира автомобилот да вози со брзина од 64 km/h или 40 mph по што удира во цврста препрека со 40% од својата ширина.

Експертите од германскиот ADAC одлучиле малку да ги поместат границите со цел да добијат што пореална слика при евентуален судар на отворен пат и затоa одлучиле брзината да биде 80 km/h или 50 mph.

Тестирањето е направено со Renault Laguna еден од најбезбедните автомобили на денешницата кој не само што освои 5 ѕвезди на EuroNCAP туку се наоѓа во врвот и по бројот на освоени бодови.

Резултатите добиени од тестот со судар во препрека при 80 km/h обелоденија некои интересни, но застрашувачки факти. Со зголемување на брзината за само 16 km/h или 10 mph, скоро 50% повеќе енергија се дисперзира преку зоната за деформација што е доволно за да го надмине нејзиниот капацитет.

Зголемениот доток на енергија резултира со значително зголемен ризик од повреди за сите патници, а посебно за возачот и совозачот. Тестот покажува дека поради поголемата брзина градите на возачот удираат во воланот и покрај тоа што е врзан со појас и воздушната перница се активирала на време.

Во исто време згужваната деформациска зона во предницата ја турка арматурата кон колената на возачот зголемувајќи го ризикот од дополнителни повреди.

Во случајот совозачот минува многу подобро. Меката пластика на арматурата во Laguna максимално ја намалува повредата на главата кај тестната кукла која удира во арматурата и покрај отворањето на воздушната перница навреме и затегнатиот појас.

Зголемен ризик од повреди прикажуваат и куклите кои ги заменуваат децата на задното седиште. Иако сместени во правилно наместено детско седиште повреди предизвикува силата со која тие се фрлени кон појасите на детското седиште.

Слични вакви испитувања се правени и од други независни организации во своите програми за тестирање на безбедноста и сите се согласуваат дека треба ревидирање на начинот на кој се испитува безбедноста кај автомобилите. Односно примена на многу пореални ситуации кои го илустрираат вистиснкиот ефект од сударот на пат.

ADAC препорачува масовно користење на опрема за активна безбедност како што е контролата на тракција, помошта при сопирање со што ќе се помогне во превентивно делување кое пред се опфаќа избегнување на несреќа, или пак, намалување на брзината при која се случува несреќата, кога истата неможе да се избегне.

Според нив ова е најреалистичниот начин за да се намали ризикот од повреди при патување со високи брзини, бидејќи ниту една конструкција без оглед колку напредна и совршена неможе да ве спаси во судар со висока брзина.

Тие сметаат дека модерните автомобили прикажуваат завидно ниво на безбедност упатувајќи пофалби за Renault Laguna која токму поради своето високо ниво на пасивна безбедност била избрана за тест.

Воедно дополнителното зацврстување на структурата на автомобилите за да можат да издржат судар при високи брзини не е практично поради драстично зголемување на трошоците за производство, тежината на автомобилот, а со тоа и потрошувачката и емисијата на издувни гасови.

 
Get Adobe Flash player