Освежен и технички дотеран новиот Colt на Mitsubishi гази по
стапките на својот постар и успешен брат и ја продолжува својата борба за
освојување на купувачите и нивните срца.
Малиот џин конечно пристигна во Македонија и се перчи
со многу посериозен и агресивен лик. Маската наречена Џетфајтер е превземена од
поголемиот Lancer и е дополнително модификувана.
Полемиките околу новото дизајнерско решение на предницата
почнаа од самото претставување на автомобилот. Заклучокот, или ви се допаѓа,
или не, стои. Факт е дека за вкусовите не треба да се расправа. Но, после
подолго набљудување новиот Colt почнува да привлекува.
И иако многумина можеби нема да се сложат, сепак сметаме
дека дизајнерите завршиле добра работа.
Епитетот „Новиот” кај Colt не е без основа.
Дури 65% од деловите се нови. Дизајнот не е единствената работа по која се
разликуваат претходникот и новиот модел.
Подобрувања се направени во полето на механиката, опременоста
и комфорот, а понудата е збогатена со врвниот модел Ralliart кој спринтува
до 100 km/h за 7,4 секунди, го заменува Colt CZT и сега
доаѓа и во верзија со пет врати, но за сето ова веќе пишувавме во првото
претставување на автомобилот.
Mitsubishi Colt на светскиот пазар, па така и кај нас
доаѓа со малку повисока цена од својот претходник. Но, според одговорните за
продажба во МакАутоСтар, застапникот за Mitsubishi за Македонија, новиот Colt, доколку се
земат предвид подобрувањата и количеството на сериска опрема излегува малку
поевтин од својот претходник.
Имено основниот пакет на опрема Inform нуди ABS со EBD, 2 воздушни
перници, клима уред, електрика на стакла напред, електрични и греени
ретровизори, централна брава со далечинско, радио CD со МР3 и 4
звучници, патен компјутер со (потсетник за сервис, надворешна температура, моментална и просечна потрошувачка, просечна брзина и досег со преостанатото гориво) и кодиран клуч.
За вака опремен Colt со три врати и со
1.1 литарски бензинец треба да се издвојат 10.290 евра. Кај претходникот со
цена од 9.980 евра требаше да се доплати за радио CD со МР3 и за патен компјутер за да се изедначи опременоста со што се надминува разликата од
310 евра.
Истиот модел во повисокото ниво на опременост Invite кое
дополнително нуди странични воздушни перници, темпомат, волан и рачка од
менувач обложени со кожа, аудио контроли на воланот и леснометални бандажи од
15 инчи, чини 11.290 евра.
Перформансите остануваат идентични како кај претходникот.
Со модернизирање на агрегатите е добиена пониска емисија на издувни гасови и пониска
потрошувачка кои го прават новиот Colt далеку позелен автомобил.
|