Get Adobe Flash player

Формула 1 може и без Ferrari
06.05.2009
ferrari-f1-bolid-2009-1.jpgОва е констатацијата на Макс Мозли по најновите збиднувања кои се случуваат околу Големиот циркус и кои се закануваат да избие војна меѓу тимот од Маранело и водечкото автомобилистичко тело FIA.

Секако во ова модерно време на живеење војната избива поради пари, а во прашање е желбата на Ferrari да потроши повеќе отколку што налагаат новите правилa имплементирани од страна на FIA кои предвидуваат значително намалување на трoшоците во Формула 1.

Факт е дека Ferrari е најзвучното име во историјата на спортот и е единствениот тим кој учествувал во сите сезони од почетоците на Формула 1 во педесетите години од ХХ. век.

Отсуството на Ferrari од Формула 1 нема да мине безболно. Тоа ќе биде значителен удар за спортот, но „Формула 1 може да преживее и без Ferrari,” истакна Макс Мозли без оглед што признава дека тоа ќе биде сериозен губиток за Кралицата на автомобилскиот спорт.

Сепак, Мозли цврсто стои на одлуките и верува дека егзистенцијата на Формула 1 ќе биде трајно загрозена доколку им се потклекне на заканите и им се исполнат желбите на одговорните луѓе во Ferrari.

„Се надевам и верувам,” истакнува Мозли, „дека кога тимот ќе отиде кај бордот на директори на компанијата и ќе им соопшти – Ние сакаме да војуваме со FIA бидејќи сакаме да потрошиме 100 милиони фунти – тогаш бордот ќе им одговори: а зошто не потрошите 40 милиони фунти како што тоа го прават останатите тимови?”

Мозли верува дека доколку Ferrari и објави војна на FIA останатите тимови нема да се согласат со тоа и дополнително ќе ги зацврстат своите позиции бидејќи пониските трошоци очигледно им одат на рака на сите освен на момчињата од Маранело.

 
Get Adobe Flash player