|
Паѓањето на железната завеса и распадот на СФР Југославија на Балканот создадоа поволни услови за процут на криминални активности од секаков вид.

Досетливите ги искористија годините немир за да ја исплетат една од најгустите мрежи на организиран криминал. Шверц на дрога, оружје, луѓе, цигари и се што може да се замисли и да е нелегално врви низ тајните канали на балканската мафија. Една од главните нишки која врти низ Балканот, а понатаму се шири низ цела Европа е автомобилската мафија. Добро организирана на своето конто запишува преку 10.000 украдени автомобили само на Балканот со профит од преку 100 милиони евра годишно.
Бунар без дно за украдени автомобили
Без оглед на ангажманот на полицијата и царината на државите: Бугарија, Црна Гора, Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово и напорите што тие ги вложуваат, спречувањето на овој вид криминал е безмалку безуспешно. Бројката на украдени автомобили не паѓа. Очекувањата дека со приемот на Бугарија во Европска унија крадците на автомобили ќе најдат друг начин за остварување приход не се остварија. Крадењето автомобили е премногу доходовно за да се напушти туку така. Интерпол и европските осигурителни компании во 2008 излегоа со пресметка каде стои дека во државите на поранешна Југославија се наоѓаат преку 130.000 автомобили украдени во Европа.
Според проценките на германската федерална полиција BKA низ просторите на Балканот минале или се задржани околу 200 илјади автомобили украдени во земјите од Западна Европа. Претворени во пари тие надминуваат вртоглава сума од над 3 милијарди евра и се дел од мега црниот бизнис на автомобилската мафија која низ цела Европа годишно печали околу 30 милијарди евра. Интерпол точно знае во која од државите на екс СФРЈ, колку од украдените автомобили орбитираат. На црната листа води Црна Гора каде се здомени преку половина од овие автомобили. На второ место е Босна и Херцеговина каде се наоѓаат околу 30.000 украдени примероци, трето е Косово со околу 25.000 автомобили и останатите 10.000 автомобили по кои тагуваат сопствениците од западно европските земји се распоредени во Македонија, Србија и мал дел во Хрватска.
Каде одат украдените возила?
Автомобилската мафија не ги поштедува ниту сопствениците од Балканот кои подеднакво како и европејците остануваат без своите миленици на четири тркала. Балканот не служи само за транзит. На мета се премиум марките Mercedes, BMW, Audi, а во групата спаѓаат и моделите на Volkswagen и Opel заради својата популарност. За нив веднаш се наоѓаат купувачи, а дел се и претходно нарачани.
Доколку автомобилот го напушта балканот заминува во два правци. Едниот преку Србија и Бугарија води до Турција, Ирак, Сирија и Авганистан. Другиот преку Украина води до Русија, Молдавија, Чеченија. Србија е главниот транзитен центар. Низ неа минуваат автомобилите украдени во Европа и оние украдени во земјите од државите на поранешната СФРЈ. Патот оди преку границата со Бугарија до пристаништа на Црно Море каде се товараат на брод и заминуваат за Азија или во државите од поранешниот Советски сојуз. Автомобилите од Србија во Бугарија се шверцуваат преку илегални гранични премини, или преку легални, со претходно подготвени фалсификувани документи откако се сменети бројот на шасијата и моторот. Потоа во околина на Пловдив, Стара Загора и Варна, кои се сметаат за центри на автомобилската мафија во Бугарија се печатат нови документи и таблички идентични на оние од западно европските земји.
Во главниот град на Сирија, Дамаск е стациониран најголемиот автопазар на Блискиот и Средниот Исток. Таму се бара добра роба и никој не прашува за потеклото. Тука доаѓаат луксузни автомобили, оние од средна класа како VW Passat, но и компакти како Golf и Astra и Megane. Автомобилите што одат за Авганистан најчесто се претходно нарачани од тамошните производители на хероин. Поради лошата патна мрежа се бараат луксузни џипови како Mercedes ML или Puch, BMW X5, Porsche Cayenne и Volkswagen Touareg. Готовина тука не е на цена. Се плаќа со хероин кого подоцна мафијата го препордава во Западна Европа на што дополнително заработува. Податокот говори за неделивоста на мафијата, а фактот дека постои интеракција меѓу криминалните активности и дека се вмешани полицајци и цариници го сврстува во организиран криминал. Истите луѓе што ги водат останатите доходовни криминални активности се занимаваат и со кражба на автомобили. Добрите возачи, приоритет меѓу крадците на автомобили, се користат за пренесување на дрога по претходно обезбедени рути. Мафијата која оперира во Македонија и на Косово ги наградува своите помошници со крадени автомобили кои секојдневно се возат по патиштата низ двете држави.
Меѓусебната соработка на криминалните групи е на високо ниво. Тие не се оптоварени со национална или верска припадност, битни се парите. Автомобилите украдени во една држава завршуваат кај соседите што е најбезболна варијанта при препродажба. Рутите се следни: Возилата украдени во Македонија одат во Косово, Србија и Бугарија каде без проблем се вадат фалсификувани документи. Украдените возила од Србија одат во Бугарија, Романија, Македонија, Косово и во Црна Гора. Украдените возила од Босна и Херцеговина одат во Република Српска и Србија. Србија е државата околу која орбитираат балкански држави и по природа на нештата таа е главен транзитен центар. Во Албанија украдените автомобили доаѓаат од Косово заради слободните врски меѓу овие две држави и илегалните гранични премини. Поретко од Македонија и Црна Гора.

Крадење за препродажба
Криминалците брзо доаѓаат до саканиот автомобил. Еден добро обучен крадец за 30 секунди може да отвори, стартува и си замине со VW Touareg. На самиот чин на крадење му претходи соодветна подготовка. Логистиката е силна страна на автомафијата бидејќи украденото возило на крај треба да заврши кај нов сопственик како легално купен автомобил. Тоа е обемна работа која неможе да ја заврши еден човек. Потребна е организирана група во која покрај криминалци се вклучени и стурктури од власта полицајци и цариници. Работата е поделена: едни обележуваат возила, други ги крадат, трети менуваат броеви на шасија, четврти вадат лажни документи, петти ги препродаваат.
Современите арамии изнаоѓаат безболни начини како да дојдат до посакуваните автомобили. Пред неколку години на балканските простори нагло почнаа да исчезнуваат џипови BMW X5. Се крадеа не само возилата продадени и регистрирани од сопственици туку и возила на затворен паркинг кои сеуште не влегле во салон. Наглото изчезнување на скапоцените џипови стигна и до одговорните во BMW. Нив ги фати паника бидејќи најновата технологија на заштита за која велеа дека е непремостива одеднаш беше пробиена. Истрагата покажа дека автомобилите се отворани со оригинални клучеви нарачани од непознат дилер на BMW, a кодовите за стартување на моторите се пробиени со помош на фабрички софтвер кој чини 500.000 евра и кого криминалците го набавиле преку вработен во компанијата. Јасно е дека автомобилската мафија не знае за пречки кога е во прашање профитот.
Украдените автомобили одат во специјализирани сервиси каде добиваат нови броеви на шасијата и моторот. Потоа автомобилот е подготвен да стане легален. За легализирање се користат документи од хаварисани возила кои завршуваат на отпад. Се чека покрај моделот да одговара и бојата да не се бојадисува одново. Честа е појавата кога криминалците прво наоѓаат скршен автомобил со легални документи па потоа крадат автомобил кој одговара на уништениот. На овој начин преобратениот автомобил е многу тешко да се открие. На криминалците често им се брза па затоа многу почести се случаите на автомобили клонови. За што најмногу заслуга имаат корумпирани полицајци. Тие даваат податоци за идентичен автомобил кој веќе постои во базата регистрирани возила. Броевите на шасијата и моторот се препечатуваат од легалниот автомобил и се фалсификува сообраќајна дозвола и таблички. Вообичаената тарифа за завршена работа е од 500 до 1.500 евра во зависност од вредноста на автомобилот. Вака средените автомобили без проблем ја минуваат границата и се продаваат на пазарите во соседните држави. Истата процедура важи и за возилата украдени во Европа.
Минувањето на границите не е резервирано само за автомобили со веќе подготвени фалсификувани документи. Тајните канали работат постојано. Понекогаш украденото возило ја минува границата веднаш по извршена кражба. Мафијата ги користи корумпираните полицајци и цариници кои не ги запишуваат возилата на граничните премини и тие минуваат слободно. Тарифата е 300 до 400 евра. Крадењето возила од земјите на Европската унија посебно по нејзиното проширување и заострувањето на контролите на граничните премини заради зголемената опасност од тероризам го зголеми ризикот по криминалците и ја стави под знак прашалник исплатливоста на ваквите операции. Тоа не значи дека автомафијата се повлекува.
Во поново време за автомобилите од Западно европските држави се користи друга тактитка. Во договор со сопственикот криминалците го откупуваат по прифатлива цена и го пренесуваат легално преку граница. Потоа сопственикот пријавува дека автомобилот е украден и ги наплаќа парите од осигурувањето. Така украдениот автомобилот станува проблем на осигурителната компанија. Пренесениот автомобил подоцна се продава на пазарите на Балакнот како легален, или пак, без пречки ги напушта природните граници на Европа. Уште полесно е кога сопственикот ќе допатува во државите од поранешна Југославија, Албанија и Бугарија го отстапува автомобилот на автомафијата и пријавува кражба. Тогаш пренесувањето преку граница е непотребно и ризикот е мал. Меѓутоа сваќајќи ја шемата европските осигурителни компании престанаа да издаваат осигурување кое важи за земјите од Западен Балкан. Сепак, оваа одлука не ги обесхрабри криминалците. До израз доаѓа соработката меѓу клановите. Колегите од Западен Балкан се обраќаат на колегите од Бугарија, земја членка на ЕУ, која не е под санкции од европските осигурителни компании. Тие за околу 500 евра преку своите соработници во полицијата им издаваат документ каде стои дека автомобилот бил украден во Бугарија. Така сопственикот си го наплатува осигурувањето, а мафијата го препродава автомобилот.
Уцена за (не)пристојна цена
Изворот идеи на автомобилската мафија не пресушува. Има подобри шеми. Двајца како туристи одат во некоја од западно европските држави. Едниот се сместува во хотел и изнајмува автомобил од рентакар компанија. Другиот седнува во автомобилот и го носи на Балканот, а изнајмувачот пријавува дека му го украле од пред Трговски центар каде го паркирал.
Откуп од сопственикот на украден автомобил е подеднакво честа појава. Откако ќе го украдат криминалците воспоставуваат контакт со сопственикот барајќи одередена сума за да го вратат. За воспоставување контакт најчесто се користат информциите добиени од корумпираните полицајци, но и од корумпираните работници во телекомуникациските компании. На основа на податоците од сообрќајната дозвола, или пак, некој друг документ заборавен во автомобилот соработниците на криминалните групи им го даваат телефонскиот број на сопственикот. Во зависност од вредноста на возилото за откуп се бараат суми и до 30% од цената на нов автомобил. Предавањето на парите се одвива на места каде криминалците веќе обезбедиле повеќе рути за да избегаат доколку искрсне проблем. Потоа на сопственикот му се соопштува каде е оставен автомобилот и каде е сокриен клучот. Притоа сопственикот се советува да не пријавува во полиција бидејќи никогаш повеќе нема да го види својот автомобил. На што, сопственикот во најголемиот број случаи се согласува бидејќи полесно му е да издвои од 2 до 15 илјади евра отколку повторно да купи нов автомобил. Затоа за дел од кражбите полицијата никогаш и не дознава.
Меѓутоа полицијата смета дека непријавувањето е погрешен чекор бидејќи не ретко се случува откако изманиците ќе ги добијат парите да не го вратат автомобилот. Го препродаваат, или пак, го расклопуваат. Деловите после се вградуваат во други украдени возила од ист тип со цел да се измешаат броевите на шасијата, моторот и други означени механички склопови прилагодувајќи ги на фалсификувана документација. Или на документација од хаварисан автомобил од друга држава по што го легаризираат преку лажни фактури за извоз-увоз.
Деловите од растурените автомобили завршуваат и на дивите автопазари, но и во соминителни сервиси кои ги вградуваат за половина цена во однос на онаа во овластените сервиси. Сопствениците така добиваат дел во добра состојба за малку пари. Тие се свесни дека во нивниот автомобил се вградува украден дел, но не им е грижа. Покрај скапите неоткупени автомобили во овој дел на операции на мафијата спаѓаат поевтините популарни модели. На мета се моделите на VW Golf од првата, втората и третата генерација. Моделите на Opel, Zastava 101 и Yugo. Познато е дека еден хомокинетички зглоб за Golf I кој во дуќан чини околу 100 евра плус трошоците за работна рака, во сомнителен сервис се добива по цена од 50 евра заедно со вградувањето.
Куси рацете на полицијата
Полициските служби се добро запознаени со матните бизниси и начинот на работа на автомобилската мафија. Се знае дека автомобилската мафија во Македонија највеќе оперира во Скопје каде се забележани најмногу украдени автомобили. Статистиката вели дека во Скопје исчезнува луксузен автомобил на секои 48 часа. Центарот е во скопското село Грчец каде најчесто завршуваат автомобилите по крадењето. Близината со границата на Косово и на Србија овозможува брзо напуштање на територијата на државата. Деловите од украдените автомобили наменети за растурање завршуваат во матни сервиси во скопските села Арачиново, Трубарево, Драчево. Фасцинирачки делува податокот дека изверзираните раце на криминалците успеваат за неполни два часа да растурат цел автомобил.

Најголемиот број кражби на автомобили во Србија се случуваат во Белград. Српската полиција ги знае и криминалните групи. Најактивни се земунскиот и сурчинскиот автоклан, но и автомафијата од Нови Пазар. Тие постојано соработуваат со оперативците на руската и бугарска мафија. Во Белград исчезнуваат десетици автомобили дневно. Меѓу луксузните исчезнуваат и возила наменети за растурање, но и оние со кои подоцна се извршуваат други криминални активности. Откако ќе заврши работа автмобилот украден заради друг вид криминал полицијата го наоѓа напуштен. Украдените автомобили заминуваат во Бугарија и Романија преку разработени канали кои постојат две децении, но и за Косово најчесто преку Нови Пазар и Новопазарска бања. Полицијата во Србија тврди дека дел од украдените автомобили со благодарение на клонирањето воопшто не ги напуштаат границите и се препродаваат на домашниот пазар.
Босна и Херцеговина во последно време спроведува чести акции како борба против организираниот автокриминал. Сепак со просек од околу 2.000 автомобили украдени на годишно не е ништо подобра од Македонија и Црна Гора. Тука единствено предничи Србија со двојно повеќе украдени автомобили годишно. Според оперативните податоци на полициските служби на БиХ украдените автомобили се задржуваат во место ден до два заради откуп од сопствениците. Доколку откупот не се случи тогаш автомобилите се носат во Западно-херцеговскиот Кантон каде се растураат или им се менуваат броевите на шасијата и моторот.
Како до спас?
Познавањето на проблемот со автомобилската мафија не значи и негово сузбивање. Факт е дека полициските структури можат да се пофалат со едвај половичен успех. Статистиката говори дека во просек полициските структури на балканот и покрај взаемната соработка не успеваат да откријат повеќе од 40% од украдените автомобили. Делумно причината лежи во корумпираноста на поединци кои понекогаш се и на високи функции, но и во лошо конструираните закони.
Македонскиот закон вели дека едно возило се смета за украдено после изминат одреден временски период откако е пријавено дека го нема. Тој временски период не е наведен во законот, но праксата вели дека изнесува околу еден месец. Во тој период возилото се води како оттуѓено. Што е референца за возилата кои се одземени само зарди возење и потоа се оставени. Доколку одземеното возило не се врати одредениот период или ако се утврди дека е одземено со намера да се стекне противправна имотна корист, тогаш тоа се смета за украдено. Казните се мали. Висината на највисоката казна е три години затвор, но најчесто изречените казни се многу помали, па дури и парични што на крај ги охрабрува, место да ги заплашува криминалците. Креирањето на законот по овој терк е оставштина од некои минати времиња на поранешната СФРЈ каде автомобилите најчесто се крадеа заради добар провод во ноќта и после беа оставани крај пат, па дури и враќани на паркингот каде што биле земени. За ова говори и законот во Србија кој на кражбата на возило реферира како на неовластено користење на туѓо возило што е слично со законот за ова дело во Македонија.
Без измени во законот и воведување построги санкции неможе да се очекува сузбивање на автокриминалот. Од друга страна иако вербално владите на земјите од Балканскиот полуостров се согласуваат дека треба да се застане на патот на автомобилската мафија, нема конкретни чекори што ќе упатуваат на тоа дека се создаваат услови за зедничко делување и сузбивање на оваа појава. Уште повеќе загрижува фактот што автомобилската мафија за големи пари ја помагаат поединци од структурите што се должни да се справуваат со оваа состојба. Токму затоа уште од сега може да се зборува за спрега која води до најопасниот криминал, таканаречениот организиран криминал кој во светот најтешко се искоренува.
Исчезни за 30 секунди
Крадците на автомобили не се магионичари, но знаат да направат VW Toureg да исчезне за 30 секунди. Ова не е филм туку реалност и е двапати побрзо од прикажаното во блогбастерот „Изчезни за 60 секунди” со Николас Кејџ и Анџелина Џоли во главни улоги. Откако возилото е обележано од извидникот во групата чија задача е да ги прати навиките на сопственикот и констатира кога е најдобро време да се изврши кражбата настапуваат оперативците. Тие секогаш одат во пар. Додека едниот работи другиот чува стража и по потреба помага. Тоа се високо обучени професионалци со вешти прсти и големи познавања од современата електроника и механика. Разбојникот ја засекува задната десна врата на Туарегот веднаш под кваката за отворање. Таму минува главниот вод кој носи струја до пумпата за гориво потопена во резервоарот, електриката за централната брава и електриката за стакла. Со остар нож или скалпел го пробива ребрестото црево низ кое минуваат жиците и пресекувајќи ги прави краток спој по што централната брава се отклучува и вратите се отворени. За овој дел од операцијата му се потребни околу 10 секунди. Потоа влегува во возилото и на приклучокот што сервисерите го користат за дијагноза на возилото приклучува лаптоп со соодветен софтвер за стартување на моторот. Го стартува и си заминува. За оваа операција му се потребни уште околу 20 секунди. Истото се случува и со џипот Porsche Cayenne кој ја дели основата со Touareg. Значи исчезнувањето за 30 секунди е подобро и од филм.
Лоши примери за автомафијата
Сузбивањето на криминалот со украдени автомобили ќе биде тешко се додека државните структури се возат во украдени автомобили. Примери има многу:
- Повеќе автомобили од возниот парк на полицијата во Црна Гора се наоѓаат на потерниците на Интерпол меѓу нив има и автобуси;
- Полицијата и Федералното министерство за одбрана на Босна и Херцеговина исто така поседуваат автомобили, автобуси, па дури и џипови кои според Интерпол се водат како украдени;
- Во Бугарија има примери каде градоначалници со општински средства купуваат украдени автомобили;
- Во Македонија судии од апелациониот суд во Скопје со години се возеле во украден Peugeot 405 кој на крај, по продажбата на физичко лице кое со него отишло на одмор во Бугарија, бил запленет од тамошната полиција бидејќи за него Интерпол имал издадено потерница.
- Највпечатлив е примерот на македонската министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска која се вози во блиндираниот џип BMW X5 на фудбалската мегаѕвезда Дејвид Бекам. Иако според македонското МВР џипот пред да биде запленет од полицијата сменил 20 сопственици и е многу тешко да се докаже кому му припаѓа. Македонската полиција го запленила чипот од двајца бугарски државјани кои биле вмешани во трговија со луѓе. Министерката Јанкуловска имаше разбирање и истакна дека доколку Бекам си го побара џипот таа лично ќе му ги предаде клучевите.
Има многу сомнителни откритија во врска со овој случај. Џипот украден од Бекам бил BMW X5 4.8is. Џипот во кој се вози Јанкуловска е BMW X5 3.0d. Ова значи дека под хауба место 4.8 литарски V8 бензинец се наоѓа 3.0 литарски линиски 6 цилиндричен турбо дизел. Исто така потврдено е дека се работи за различна боја на возилото. Ако се знае дека џипот сменил 20 сопственици пред да биде запленет од македонската полиција и дека сомнителните сервиси на автомобилската мафија се способни да сменат се на автомобилот вклучувајќи ги бројот на шасијата, моторот, бојата и ентериерот, тогаш, без оглед на разликите, постои веројатност дека џипот во кого се вози Јанкуловска му припаѓа на Дејвид Бекам.
Проектот е реализиран со поддршка на Данската асоцијација за истражувачко новинарство
|