Get Adobe Flash player

Произведена 1.5 милионитата Corvette
12.06.2009
corvette-1.5-mil-1.jpgОд Chevrolet пристигна информација дека компанијата произвела 1.500.000 примероци на култниот американски спортист Corvette од стартот на производството во 1953 до денес.

1.5 милионитата Corvette е модел од обичната верзија LS3 обоена во бела боја со црна двoјна лента на средина. Црвен ентериер, црн платнен кров и наликува на првиот примерок, 500.000 примерок и 1.000.000 примерок произведени во 1953, 1977 и 1992.

По повод прославата за големиот јубилеј Chevrolet претстави и модел кој го носи името Corvette Grand Sport. Иако претставен како модел за моделска година 2010 веднаш се објавени и цените колку да можат љубителите да си подготват пари пред стартот на продажбата во втората половина на 2009.

Од Chevrolеt истакнуваат дека затворената верзија на Corvette Grand Sport, поточно купето во САД ќе чини 55.720 долари, додека отворената верзија, кабриолетот ќе стартува со цена од 59.530 долари.

Новата Corvette Grand Sport комбинира мотор од Corvette LS3, но има поширока каросерија добиена со проширување на крилата напред и назад, нови леснометални бандажи, помоќни сопирачки и сетап на подвозјето превземен од Corvette Z06.

Со стандарден издувен систем големиот V8 LS3 со зафатнина од 6.2 литри остварува 430 КС и максимален вртежен момент од мрсни 575 Nm. Доколку идниот сопственик нарача спортски издув, тогаш неговата Corvette Grand Sport не само што ќе биде погласна туку ќе располага со 436 КС и максимален вртежен момент од 580 Nm.

По избор на клиентот моторот може да се комбинира со мануелен менувач со шест степени на пренос, или пак, автоматик исто така со шест степени на пренос.

Директорот за маркетинг на Chevrolet, Керен Раферти истакнува дека Corvette Grand Sport до 100 km/h е подготвен да ги катапултира возачот и совозачот за помалку од 4,0 секунди, максималната брзина не ја коментира.

Но, затоа се перчи со податокот дека при попречно забрзување остварува сила од 1.0 g и дека при нормално возење на автопат со почитување на брзинските ограничувања Corvette Grand Sport троши 8,8 L/100 km безоловен бензин од 95 октани.

Според Раферти ова е податок со кој неможе да се пофали ниту еден конкурент на Corvette.

Еве и дел од поинтересните технички карактеристики на Corvette Grand Sport. Значи Corvette Grand Sport има пошироки предни и задни крила на кои стои беџ со натпис Grand Sport колку да не стане двојба за која верзија на Corvette станува збор.

Има преден браник и дифузор одзади како Corvette Z06 и шкрги кои доведуваат ладен воздух за разладување на задните самовентилирани диск сопирачки, како и шкрги во предните крила за одвод на врелиот воздух кој го создаваат предните сопирачки и моќниот мотор. 

Понатаму новина се уникатните леснометални бандажи со дијаметар од 18 инчи напред и 19 инчи одзади обуени во гуми со димензии 275/35 ZR18 напред и 325/30 ZR19 назад.

Сопирачките превземени од Corvette Z06 имаат самовентилирани бушени дискови со дијаметар од 355 mm напред кои ги зафаќаат шест клипни сопирачки клешти и 340 mm назад кои пак ги зафаќаат четири клипни сопирачки клешти.

 

 
Get Adobe Flash player