Со првиот снег станува јасно дека доаѓа времето кога
секој возач би можел да биде исправен пред предизвикот во одредена ситуација да
мора да постави синџири на тркалата.
Законската регулатива вели од 15 ноември до 15 март
е задолжително носењето на зимска опрема која подразбира синџирите секогаш да
стојат во багажникот па дури и во град. Бидејќи не се знае кога ќе ни
затребаат. Дури и ако ги немаме не е лошо да се купат.
Доколку често одиме на планина или во предели каде
постојано има потреба од синџири би било попрактично да се купат квалитетни од
некој познат производител како Weissenfels, Ottinger, RUD, Pewag KWB. Секако тие се
поскапи, но доколку синџирите не ги исправаме пред предизвици и ги користиме
ретко може да се купат и некои поевтини од непознати фирми кои кај нас ги има
на претек. Факт е дека тие не го поседуваат потребниот квалитет, но не значи и
дека ќе се скинат при првото местење.
Цената од околу 1.000 денари за пар синџири од непознат
производител и не е толку висока ако знаеме дека евентуалната казна ќе не чини
многу повеќе, а можеме да си создадеме уште поголем проблем доколку заглавиме во
снег, а со нас во автомобилот се и нашите најмили.
За купување на соодветни синџири треба да се знае
димензијата на гумите. Поискусните продавачи ќе ве прашаат и за возилото, марката и
моделот. Причина за ваквата љубопитност на продавачот е да се увери дали вашиот
автомобил може да користи стандардни синџири. Бидејќи со ставањето на синџирите
се зголемува дијаметарот на тркалото, а некои производители предупредуваат дека
кај нивните модели не смее да се користи обичен синџир.
Синџирите за автомобили вообичаено се изработуваат во два
основни вида определини според обликот на нагазната плетка која може да биде во
форма на латиничната буква H или Y. Подобри резултати даваат синџирите со облик Y (т.н.
мечкина шепа) кои имаат за 62 проценти поголема ефикасност.
За разлика од порано денес не треба да стравуваме од
местењето на синџири, бидејќи не е потребно вадење на тркалото за нивна монтажа,
дури и кога станува збор за најевтините модели.
Меѓутоа не треба се да му се препушти на случајот и затоа
убаво би било кога синџирите би ги монтирале еднаш или два пати на суво колку
за да се добие на рутина. Малиот тренинг во даден момент е исплатлива
инвестиција.
По местењето на синџирите не треба да се заборави дека по
околу 100 метри возење треба да сопреме и повторно да ги стегнеме. При
првичното местење скоро е невозможно синџирот да се намести совршено да стои на
гумата. Затоа е потребен кус пат за да може се да си легне на свое место. Дури
по второто стегање можеме безбедно да продолжиме со патот.
Доколку ова не го направиме и синџирот остане лабав при
возење можни се оштетувања на автомобилот. Секако постојат синџири кои се стегнуваат сами, но чинат премногу, а за
секоја евентуалија дури и тие треба да се проверат. Синџирите се поставуваат на
погонските тркала, а кај теренците на предните тркала.
Без да го потцениме искуството и знаењето на нашите
читатели и искусни возачи, а воедно да ги советуваме почетниците зад воланот
еве неколку основни совети околу поставувањето на синџирите.
· Растегнете го синџирот, постелете го на земја и протнете
го зад тркалото, внимавајте двојните куки А се свртени кон подлогата, а двата
краја на сајлата 1 која го држи синџирот повлечете ги кон себе
· Спојте ги двата краја на сајлата 1 и 2 и малку повлечете
за да се закачат
· Спојте ја куката 3 на алката 4 поставена на страничниот
дел од синџирот
· Долниот крај повлечето го кон себе за да го извлечете
останатиот дел од синџирот. Така и сајлата ќе се постави на место - зад
тркалото, а синџирот целосно ќе легне врз тркалото. Внимавајте ниту една од
куките да не допира до газечката површина на гумата
· Вметнете го крајот од страничниот синџир 5 во куката за
затегнување 6
· Напомена: секој синџир може да биде монтиран на гума со различна
димензија. За да се обезбеди синџирот совршено да налегнува на гумата
страничниот дел од синџирот е опремен со неколку алки заради прецизно
поддесување според димензиите на гумата
· Повлечете го синџирот за затегнување нагоре за да
постигнете што поголема затегнатост. Синџирите со самозатегнување имаат
самоблокирачки систем 8 кој обезбедува максимална затегнатост
· Протнете го синџирот за зтегнување низ сите алки на
страничниот дел од синџирот 9. Не оставајте не споена алка. Потоа закачето го
за некоја алка од страничните синџири 10 така за да биде стегнат
· На крај преконтролирајте дали синџирот лежи симетрично
врз тркалото и можете да продолжите со патот. По стотина метри запрете повторно
преконтролирајте и дополнително затегнете
Треба да се напомене дека со поставени синџири никогаш не
треба да се вози побрзо од 50 km/h. Откако ќе се совлада тешко проодната патна делница
синџирите треба да се демонтираат, бидејќи го изложуваат подвозјето на
автомобилот на голем стрес.
Грижата за синџирите треба да продолжи и по употребата.
Коловозите испрскани со песок и сол ги оштетуваат па затоа потребно е по
враќењето дома да се измијат со ладна вода и да се подмачкаат. Наједноставно е
со спреј за подмачкување. И повторно ги враќаме во багажникот, а по завршување
на зимската сезона се контролираат уште еднаш и ако треба повторно се
подмачкуваат и се складираат на суво.
И да запомниме, без оглед на опремата, активните системи за безбедност или погонот на четири тркала, квалитетните зимски гуми и синџири, на снег внимателно!
|