Вистински начин да се победи сообраќајниот метеж во
градовите е да се најде како да се предвиди сигналот што го дава семафорот и
според тоа да се прилагоди брзината на движење.
Така сметаат во Audi и работат на систем
кој не само што ќе знае да предвиди кога ќе се запали црвеното или зеленото
светло на семафорот, туку ќе може да ви ја препорача соодветната брзина со која
да се движите за да минете на зелено.
Системот е наречен Travolution и покрај смалувањето
на сообраќајниот метеж во градовите има за цел и смалување на емисијата на
издувни гасови. Пред се тука се мисли на СО2.
Според инженерите на Audi кои
работат на проектот, смалувањето на емисијата на СО2 ќе се
постигне со смалување на времето што автомобилот ќе го помине чекајќи на
семафор, а моторот ќе работи во лер.
Travolution во моментов се тестира на два
автомобили купето А5 и А6 Avant и се наоѓа во постојана комуникација со посебно
адаптирани семафори.
Размената на информациите меѓу Travolution и
специјалните семафори постојано се следи од страна на возачот. Информациите до
возачот доаѓаат преку новата генерација на мултимедијалниот интерфејс на Audi, MMI
Multi Media Interface.
На мониторот MMI во секој момент на
возачот му ја соопштува соодветната брзина со која треба да се движи помеѓу две
соседни крстосници. На овој начин се спречува непотребното забрзување или
забавување и сопирање кое троши повеќе гориво.
Ова е само еден дел од работата што врз себе ја превзема
Тravolution. Вториот дел се однесува на користење на посебен софтвер
кој има за задача да собира податоци за текот на сообраќајот и за циклусот на
времетраење на зеленото и на црвеното светло на семафорите.
Потоа врз основа на собраните податоци Travolution
врши пресметки и дава препорака на сообраќајните служби како треба да биде
поддесена фазата на вклучување/исклучување на зелено/црвено светло на целата
мрежа на семафори во градот со што значително би се намалил сообраќајниот
метеж.
Во Audi истакнуваат дека Travolution се наоѓа во
почетна фаза на развој и дека во план е проширување на развојната програма и
вклучување во опитите на повеќе од 20 автомобили кои ќе крстосуваат низ преку
50 крстосници.
Се чини дека во Audi пронашле одличен
начин за спречување на се поголемите сообраќајни метежи во градовите.
А исто така се чини дека на одговорните градски структури
во главниот град на Македонија им е потребна помош од Audi во
организација на сообраќајот. Но, не само ним.
Секому е јасно дека со правилно поддесена фаза на
семафорите ќе се редуцира сообраќајниот метеж и ќе се намали загадувањето во
градските средини.
Со развој на Travolution се очекува и паралелен
развој на интелигентни семафори кои ќе можат да одлучат дали да го продолжат
или скусат зеленото светло во зависност од брзината со која автомобилите
наближуваат кон крстосницата и густината на сообраќајот.
|