Електричните погонски системи влегуваат во автомобилската
индустрија на голема врата, пред се преку хибридните автомобили кои треба да
штедат фосили горива. Но, тука нема ништо ново.
Затоа новините одат во друга насока. Имено, хибридите
користат електромотор врзан со моторот со внатрешно согорување за да му
помогнат при најголемите напори кога и троши највеќе гориво. Но има и други
поевтини начини да се искористи електричната енергија за да се штеди.
Последната идеја претставена уште минатата година, ова доаѓа од група на инженери од Велика
Британија, е користење на електричен механички компресор. Тие развиле систем преку кој ќе ја користат електриката во автомобилот за
задвижување на механички компресор со кој значително се зголемуваат
перформансите.
Познато е дека конвенционалните механички компресори се
задвижуваат преку ременица и ремен кој преку друга ременица е врзан со
коленастото вратило на моторот.
Тие му ја зголемуваат снагата на моторот со натполнење,
но имаат еден негативен ефект, колку повеќе снага пумпаат во моторот, толку
повеќе снага трошат од него земајќи ја директно од коленестото вратило. Поради што
моторот троши повеќе гориво.
За да се спречи овој негативен ефект инженерите од
британската компанија CPT - Controlled Power Technologies експериментираа и
претставија систем со електричен механички компресор за мотори со мала
зафатнина кои пред се треба да бидат штедливи.
Системот наречен VTES – Variable
Torque Enhancement System или варијабилен систем за зголемување на вртежниот момент
според одговорните во CPT е подготвен за сериско производство.
Опсежните тестирања се завршени, отсранети се сите
недостатоци и евентуални бубачки кои можат да се појават и системот VTES може да се
вгради во сите бензински и дизел мотори, дури и кај сите оние современи мотори
кои веќе имаат турбо полнач.
За да ги потврдат своите испитувања и квалитетот на
системот CPT се здружи со германската компанија за развој на агрегати AVL
List Gmbh или само AVL и заедно претставија бензински мотор кој има поголема
моќност и слична емисија на СО2 како и соодветен модерен турбо дизел.
Се работи за бензинец со електричен компресор со зафатнина
од 2.0 литри со директно вбризгување кој остварува моќност од 197 КС и вртежен
момент од 400 Nm.
Вграден во Volkswagen Passat,
бензинецот со електричен механички компресор остварува емисија на СО2 од 159 g/km. 2.0
литарскиот TDI со 170 КС има емисија на СО2 од 165 g/km, додека
слично моќниот бензинец 2.0 TFSI со 200 КС има емисија на СО2 од 194 g/km.
Просечната потрошувачка сеуште не е наведена.
CPT веќе потпиша договор со швајцарската компанија SRLC
- Switsched Reluctance Drives Limited за започнување на развој на компоненти ОЕМ – Original
Equipment Manufacturer, односно компоненти за прво вградување.
Сепак, сеуште ниту еден производител не најавил дека е
заинтересиран за користење на електричниот механички компресор во своите
автомобили.
|