Get Adobe Flash player

Тест: Citroen C-Crosser 2.2 HDI Pack
12.06.2009
citroen-ccrosser-test-vozi-1.jpgПрвиот SUV во историјата на марката Citroen сака на најдобар можен начин да го искористи како адут во обид да се пробие на растечкиот пазар на овие просторни варијабилни превозници со зголемена проодност.

C-Crosser доаѓа како вистинско освежување пред се поради својот динамичен изглед оличен со карактеристични дизајнерски детали својствени за марката. Иако во основа е ист автомобил, поточно ја дели платформата и механиката со Mitsubishi Outlander и Peugeot 4007, C-Crosser е далеку поубав од браќата близнаци.

Доколку ја споредуваме тројката гледано од страна, со огромните арки над тркалата и аглестиот С-носач којшто го оквирува аглестото задно стакло, тешко дека ќе се направи очигледна разлика меѓу C-Crosser, Оutlander и 4007. Дури и одзади разликите се минорни. Ааа... Да. Ќе ги заборавевме беџот и името на моделот, C-Crosser. Тоа треба да направи разлика.

Но, затоа предницата заслужува коментар. Препознатливиот знак на Citroen - двојните запченици, огромните аглести предни светла, разјапената челуст во браникот, испакнатите светла за магла и алуминиумскиот штитник под браникот ги истакнуваат масивноста и цврстината на C-Crosser без оглед што автомобилот воопшто не е тврдокорен теренец и преферира асфалт. Модерниот алу-лик кој започнува од предницата, дизајнерите на Citroen го продолжиле во алуминиумските кровни шини, прагови и заштитниот беџ кој покажува кон четирите страни на светот.

citroen-ccrosser-test-vozi-2.jpg

 

 

 

 

 

 

 

 

 
Робусно, впечатливо, малку агресивно, но пред се убаво за око

Како надополнување на убавината би ги истакнале и специјално дизајнираните леснометални бандажи од 18 инчи кои доаѓаат со доплата и делуваат како скулптура на современа уметност. В ред. Внатре ако се знае потеклото неможе да се очекуваат дизајнерски егзибиции својствени за еден Citroen. Тука се е јапонски смирено и практично. Единствената разлика е беџот на воланот каде блеска двојниот запченик. Аха. Значи седиме во Citroen.

Формата ја следи функцијата. Тука се исполнува старото правило. Кабинта е просторна, практична и варијабилна. Централната конзола е едноставна и нуди се што е потребно без премногу прекинувачи и копчиња. Плус се е на дофат, а од возачката позиција се пружа одличен поглед наоколу. Дури и ако се симнете од асфалт.

citroen-ccrosser-test-vozi-3.jpg

 

 

 

 

 

 

 

 

 
Третиот ред седишта e зa деца. Може возрасни но, тогаш ќе слушате поплаки. Сепак, тие се само за нужда. Склопени влегуваат во подот на багажникот и не ја нарушуват рамнината на подот

C-Crosser нуди седум мeста за седење. Третиот ред може да им годи само на најмалите, но за нужда го има. Најдобро е кога седиштата се преклопени во подот на багажникот. Тогаш се ослободува товарен волумен од 510 литри до полицата, а притоа вториот ред седишта кој се мести по должина е турнат назад до крај. Тогаш патниците можат буквално да ги истегнат нозете и да се завалат во потпирачите чив агол исто така се менува.

Дополнителен трик со задната клупа е можноста за целосно преклопување само со притискање на едно копче во багажникот. Секако сето ова може и рачно, но вака е побрзо. Вратата од багажникот е од два дела. Долниот се преклопува и стои хоризонтално. Го држат две челични сајли. Citroen вели може да издржи тежина од 200 kg. Ние им верувавме. Исклучително практично при товарање, но и за да си починете, а и за по риба. Зошто да не? Си рибарите седнати во автомобилот додека горниот дел од вратата ве штити од дожд. Ваквите ситници уверуваат дека парите за купување на C-Crosser не се потрошени залудно.

Значи одличен е додека се пакувате и откако ќе стигнете на омилената викенд дестинација или омилениот камп за летување. Но, што по пат.

citroen-ccrosser-test-vozi-4.jpg

 

 

 

 

 

 

 

 

 
Погледот одзади го открива идентитетот. Тука сличноста со Outlander и 4007 e очигледна  

C-Crosser тука ја сокрива главната разлика во однос на Outlander, а тоа е моторот. Одличниот 2.2 литарски турбо дизел од последната генерација на дизели на PSA Peugeot Citroen, работи мирно, тивко и е првиот избор на секој купувач кому ќе му запне C-Crosser за око.

Со првите километри другарување станува јасно зошто е тоа така. Моторот со своите 160 КС и 380 Nm пршти од снага и влече како да го бркаат триста ѓаволи без оглед на степенот на пренос во кој се наоѓа шест степениот мануелен менувач. Притискате на педалот за гас и седиштето силно почнува да турка по грб. Преносните степени се добро одмерени и му овомзожуваат на моторот максимално да го искорсти својот потенцијал.

Шестиот е долг и дозолува високи брзински просеци без поголемо напрегање на моторот, а патувањето е релаксирано и поради ниското ниво на бучава во кабината. Џебот пак ќе се радува на потрошувачката. Без штедење C-Crosser минува со околу 20% повеќе потрошено гориво од фабрички наведениот просек.

Патувањето на долги патеки не е единствената доблест. C-Crosser добро се носи и на вијугав пат, но и надвор од него. Софистицираниот електронски контролиран погон на четири тркала му овозможува да вози само со погон напред, на четири тркала и по потреба да се искористи електронската блокада. Префрлувањето на погонот се врши преку вртливо копче зад рачката од менувачот.

Што значи сето ова во пракса. Во град, на прав пат и кога не се бркаат свијоци погонот напред ги задоволува потребите. Но, доколку одлучите да се почестите со малку задоволство зад волан тогаш работите стојат поинаку. Со вклучен преден погон и фрлен во свијок C-Crosser јавува проблем со тракција. Моторот сепак испорачува премногу вртежен момент, тркалата го губат контактот со подлогата и автомобилот почнува силно да подуправува.

citroen-ccrosser-test-vozi-5.jpg

 

 

 

 

 

 

 

 

 
Вртливиот регулатор определува кои тркала ќе влечат. Префрлањето функционира при сите брзини. LOCK се користи кога е многу лизгаво

Решение постои. Префрлате во 4WD. Тогаш интелигентниот систем сам го распределува вртежниот момент на оската со подобра тракција. Проблемот со пролизгувањето и подуправувањето се губи и автомобилот се стабилизира. Тогаш C-Crosser не се бунтува ако го фрлите во свијок. Тракцијата е огромна, при претерување автомобилот прво лизга преку сите четири тркала, а потоа преминува во благо надуправување и самиот се поставува на идеалната линија за брзо излегување од свијок. Голем плус е и големата отпорност на промена на оптоварувањето. C-Crosser останува мирен дури и кога во свијок нагло се притисне сопирачката или се одземе гас. Иако во случајот олеснет, задникот останува мирен без итна потреба да го престигне носот.

За разлика од конкуренцијата C-Crosser вози повеќе како автомобил отколку како SUV. Оваа карактеристика ја носеше и претходната генерација на основоположникот Оutlander, а во Citroen се колнат дека сетапот на пружините и амортизерите е ист како и кај близнаците на C-Crosser. Управувањето е прецизно, силата на воланот одмерена и дава доволно повратни информации за тоа што се случува со предните тркала. Тука јасно се гледа долгогодишното рели искуство и на Mitsubishi.

Добрата механичка основа на C-Crosser функционира подеднакво добро и на чакал. Возењето на нерамна и лизгава подлога C-Crosser го претвора во задоволство ако не се претерува со барањата што возачот ги поставува. Ограничувањата на терен се јавуваат не заради погонот туку заради концептот и каросеријата со долги превиси и напред и назад. Доколку не се внимава и носот и задникот лесно можат да закачат што не би било пријатно.

Замерките би отишле на сметка на високата цена од преку 30.000 евра. Citroеn ја оправдува со високата цена на моторот од најнова генерација, што не е случај со поевтиниот Outlander. Со високата акциза која оди на сметка на зафатнината од 2.2 литри и со богатството од опрема која доаѓа сериски.

citroen-ccrosser-test-vozi-6.jpg

 

 

 

 

 

 

 

 

 
C-Crosser го сака чакалот. Сепак, природната средина е асфалтот
 

Заклучокот е дека Citroen C-Crosser е еден комплетен кросовер со одличен мотор од домашна продукција и погон, подвозје и управување кои доаѓаат од јапонскиот близнак. Неговата патна ориентација Citroen не ја затајува, напротив ја истакнува. Со него долгите патни тури на цело семејство со багаж, но и бришкањето низ свијоци се претвораат во вистинско уживање. Нагласената практичност, седумте седишта и впечатливиот изглед се атрибути кои го претвораат C-Crosser во вистински победник.

Основна цена: 31.490 евра

Сериска опрема: ABS, ESP, 6 воздушни перници, автоматски клима уред, радио со CD + MP3, електрика на стакла, електрика на ретровизори со греење, централна брава со далечинско, патен компјутер, темпомат, светла за магла, затемнети стакла, леснометални бандажи од 16 инчи, кожен волан и рачка од менувач, ксенон светла, кровни носачи од алуминиум.

Дополнителна опрема: леснометални бандажи од 18 инчи 700 евра, паркинг сензори одзади 350 евра, метална боја 450 евра.

 Citroen C-Crosser 2.2 HDI Pack
 Мотор  Дизел
 Распоред на цилиндри   Реден
 Број на цилиндри   4
 Вентили  4 на цилиндар
 Брегасти вратила   2 во глава на мотор
 Зафатнина (cm3)  2179
 Моќност kW (KS)/вртежи  115(160)/4000
 Вртежен момент Nm/вртежи  380/2000
 Менувач  6-степен мануелен
 Погон  На четири тркала
 Сопирачки напред
 Вентилиран диск
 Сопирачки назад   Диск
 Гуми   225/55 R18
 Багажен простор (l)  510 до 1050
 Резервоар (l)  60
 Д/Ш/В (mm)  4646/1806/1713
 Меѓусокино растојание (mm)   2670
 Тежина на празно возило (kg)  1747
 Носивост (kg)   663
 Максимална брзина (km/h)    200
 Забрзување 0-100 (km/h)    9.9 sec. 
 Забрзување од место 1 km
 31.8 sec.
 Потрошувачка (l)  9.5/5.9/7.2
 Емисија СО2 (g/km)  191
 Цена на тест возило
 32.990 евра


 
Get Adobe Flash player