Get Adobe Flash player

Тест: Citroen C3 Picasso 1.4 Exclusive
15.10.2009
citroen-c3-picasso.jpgCitroen C3 Picasso и неговата кубична но разиграна форма, за разлика од претходниците, се повикува и со стилот во целост го оправдува името на големиот уметник основоположник на кубизмот.

Несомнено C3 Picasso е убаво скроен автомобил со впечатлива и разиграна муцка украсена со огромните предни светла кои длабоко навлегуваат во крилата и безмалку ја допираат основата на предното стакло. Оптиката на предните светла дополнително го нагласува единствениот, но смел стил. Ниту остатокот од C3 Picasso не го намалува визуелното доживување.

Дизајнерите успеале на коцкестиот облик да му поклонат доволно заоблувања, испакнувања, прекршувања и разиграни елементи како одвоената задна група светла и го испратиле на улица порачувајќи:

Е сега оди да се перчиш!

citroen-c3-picasso-1.jpg

 

 

 

 

 

 

 

 

 
Дводелен заден браник со вкомпонирани светла за возење назад. Личат убаво и ја разбивааат монотонијата на задната плоча

Одушевувањето продолжува веднаш по отворањето на вратите. Напливот на инспирација не паднал при креирање на внатрешноста. Прва в око паѓа разиграната арматура со впечатливите испапчени отвори за проветрување чив свемирски дизајн ги разбива стереотипите. Квалитетна пластика, со врелур преслечени седишта и облоги на вратите. Полиран алуминум не имитација од прскана пластика е користен за деталите кои провејуваат низ кабината во нивото на опременост Exclusive.

Но, C3 Picasso не е создаден само за да биде допадлив, туку практичен и удобен во секојдневието. Се седи во дебело поставени седишта кои не го држат телото во свијок, но затоа грбот не се заморува и по повеќе стотици километри минати во еден здив. Уживањето во совладување километри го дополнува квалитетното аудио, погледот врз убавата арматура, можноста за ладење на шише пијалок во фиоката пред совозачот. А исполнувањето на сетилата е грижа на мирисот сокриен во епрувета во затворениот долап на арматурата. Пријатната атмосфера единствено ја нарушува повременото тропкање, на некоја лошо прицврстена пластика, кое се јавува од под арматурата кога ќе се мине преку голема дупка или груби нерамнини. 

И напред и назад патниците уживаат во слободен простор со кој е опфатен и багажникот. Пристојните 385 литри со лизгање на задната клупа кон напред за 15 cm и со спуштање на подот скала подолу стануваат 500 литри, кои пак, се претвораат во повеќе од 1,5 кубни метри со соборување на задната клупа. Со доплата се добива и совозачко седиште чив потпирач се соборува кон напред, па тогаш може да се превезуваат и долги предмети. Доколку постојано имате потреба од багажник од 500 литри, откажете се од возење на високи патнци на задната клупа бидејќи тогаш се јавува проблем со сместување на колената.

citroen-c3-picasso-2.jpg

 

 

 

 

 

 

 

 

 
Рамен под и по соборување на задната клупа. Нивото на багажникот може да оди скала подолу

Големите стаклени површини овозможуваат безмалку панорамски поглед. Прегледноста е добра и кон напред и кон назад. Големите надворешни ретровизори го неутрализираат мртвиот агол и овоможуваат непречен поглед кон она што се случува зад возилото. Поголем проблем е да се открие до каде досега носот отколку задникот. Но, затоа не претставува никаков проблем да се навикнете на одличниот 1.4 литарски бензинец добиен од соработката со BMW.

Атмосферските бензинци во основа бараат високи вртежи за да покажат заби, моторот на Picasso е нешто сосема поинакво. Убаво повлекува уште од подрум и нема потреба од забегување со вртежите за да се вози со пристојна брзина. Доволно е да се држи на средни вртежи. Секако тоа не значи дека има проблем со вртежите. Напротив. Вистинско задоволство е и за сопственикот и за моторот да се држи стрелката од виртуелниот инструмент над бројката 5. Тогаш моторот нуди полна снага, влече како да го бркаат и се јавува со полн и здрав звук кој мами да се притиска педалот за гас. Уште една придобивка од инженерите на BMW кои одамна го дизајнираат звукот на своите агрегати. Овој мотор е редок примерок на атмосферски бензинец кој не бара, но обожува кога се врти.

Спарувањето со пет степениот менуелен менувач претставува компромис. Степените се пресметани релативно кусо затоа C3 Picasso забрзува одлично, но високите брзински просеци на автопат се пропратени со гласна звучна кулиса која на долги патеки пречи. Тука се гледа корисноста од квалитетниот аудио систем. Еден шест мануелец со долг шести пренос би бил добитна комбинација. Менувачот има тврдо определен од и се противи на брзите менувања. Во склад со намената на автомобилот бара со него да се работи поспоро. Посебно при префрлање во рикверц.

citroen-c3-picasso-3.jpg

 

 

 

 

 

 

 

 

 
Премногу рачки зад волан. Копчињата за управување со радиото и темпоматот место на посебни конзоли би можеле да бидат вкомпонирани во воланот 

C3 Picasso изненадувачки добро се носи со возачките предизвици. Подвозјето успешно подржува и подинамично возење. Навалувањето на каросеријата во свијоците е изненадувачки мало со оглед на висината. Успешно ја следи зададената линија во долги и брзи свијоци, се однесува неутрално и нема нагли изненадувања од задникот во желба да побегне кон надворешниот раб од свијокот. Единствено се чувствуваат мали поместувања доволно за да го наместат на вистинска линија за напуштање на свијокот.

Додека мирно броди на правци и во долги свијоци, кусите му се болка. Тогаш погонските тркала го губат контактот со подлогата и носот силно влече надвор фрлајќи го автомобилот во изразено подуправување. Тука спасува само кревањето на стапалото од педалот за гас. Така C3 Picasso веднаш ја вовлекува муцката. Во ситуацијата вреди да се пофали инертноста на задникот при промена на оптоварување. Но, затоа управувањето ја наследува старата болка на Citroen. Чувството е како да се вози по лизгава површина без било каква повратна информација за тоа што се случува со тркалата. Во Citroen се погрижиле да вградат прогресивно серво кое би требало да ја поправи сутуацијата, но без успех. Добиено е на прецизност, но бесчувствителноста стои дури и ако од C3 Picasso не се бара да биде тркач.

citroen-c3-picasso-4.jpg

 

 

 

 

 

 

 

 

 
Препознатлив знак на Citroen. Дигитални инструменти кои даваат и повеќе од доволно информации за патувањето. Бројачот на вртежи потсетува на класика

Севкупно C3 Picasso е успешно скроен автомобил кој ги носи придобивките од напредните технологии и соработката меѓу компаниите. Одлично се снаоѓа и на пат и во град и игра запазена ролја на еден комплетен  фамилијарен превозник. Подеднакво е шик и за оние без семејство кои сакаат да бидат видени, што зад воланот на C3 Picasso нема да биде никаков проблем. Безбедните возни карактеристики, варијабилната внатрешност и богатството опрема се ставка плус кога треба да се определи во што ќе се вози семејството или ќе се освојуваат погледите.

Основна цена: 17.490 евра

Сериска опрема: АBS+EBD, 6 воздушни перници, автоматски двозонски клима уред, борд компјутер, електрика на предни и задни стакла, електрични и греани ретровизори со електрично склопување, централна брава со далечинско заклучување, висинско местење на возачко седиште, леснометални бандажи од 1 инчи, кровни носачи, сензори за паркинг назад, радио со CD + МР3 со команди на волан и USB приклучок, сензор за светла, сензор за дожд, кожен волан, светла за магла, темпомат и ограничувач на брзина, додатно огледало за надгледување на деца назад.

Дополнителна опрема: метална боја 350 евра.


 Citroen C3 Picasso 1.4 Exclusive
 Мотор  Бензин
 Распоред на цилиндри   Реден
 Број на цилиндри   4
 Вентили  4 на цилиндар
 Брегасти вратила   2 во глава на мотор
 Зафатнина (cm3)  1397
 Моќност kW (KS)/вртежи  70(95)/6000
 Вртежен момент Nm/вртежи  136/4000
 Менувач  5-степен мануелен
 Погон  Напред
 Сопирачки напред
 Вентилиран диск
 Сопирачки назад   Диск
 Гуми   195/55 R16
 Багажен простор (l)  385/500 до 1506
 Резервоар (l)  50
 Д/Ш/В (mm)  4078/1766/1631
 Меѓусокино растојание (mm)   2540
 Тежина на празно возило (kg)  1334
 Носивост (kg)   408
 Максимална брзина (km/h)    178
 Забрзување 0-100 (km/h)    13,9 sec. 
 Забрзување од место 1 km
 35,3 sec.
 Потрошувачка (l)  9.1/5.5/6.8
 Емисија СО2 (g/km)  157
 Цена на тест возило
 17.840 евра

 
Get Adobe Flash player