Новата генерација на Citroen Berlingo
претставува логично продолжување на вредностите поставени од оригиналниот Berlingo
кој го проби пазарот на достапни доставни мултиван моделски изведби.
Одејќи по стапките на својот предок, New Berlingo
како што се нарекува новата генерација, а понатаму во текстот Berlingo,
нуди уште повеќе простор спакуван во нов современ дизајн, посовремени,
пошетдливи мотори и подобри возни карактеристики. Сето ова е доволно за да се замрсaт сметките
на поскапите, поопремени и полуксузни компактни мултиванови како еден Renault
Scenic, или пак, Volkswagen Touran, па дури и фамилијарниот
превозник од сопствената гаража Citroen C4 Picasso чива основа
всушност му служи и на Berlingo.
Стилизираната предница дава посебен печат на типично
комбиевската каросерија со рамни страници и високо подигнат кров. За светла за
магла се доплаќа
Сепак, нема бегање од концептот што го претставува Berlingo, форма на
коцка опремена со лизгачки врати, огромна едноделна плоча во улога на врата на
багажникот која отворена стои релативно ниско. Но, ова се однесува само на
патничката верзија Multispace која ја имавме на тест. Товарните имаат
дводелна врата.
Зад неа се сокрива бункер со зафатнина од 675 литри кој
во себе може да смести безмалку секаков товар. Од палета со спакувани производи,
куфери со алат, до спортски реквизити за целото семејство или комплетна опрема
за неколку неделно кампување заедно со гумениот чамец и вонбродскиот мотор.
Кога е во прашање Berlingo поточно
неговиот багажник апсолутно нема потреба од прецизно планирање за да се
отпатува до омиленото летувалиште. Едноставно напикајте се што ќе ви падне на
ум и очекувајте дека ќе остане уште некој кубен сантиметар за последната работа
околу која сте се двоумеле „да ја земам со себе, да не е многу, или пак, не?”.
Секако нема потреба премногу да се внимава ниту дали сме претерале со тежината.
Носивоста од 633 kg остава доволно простор за лагоден однос при товарање.
Едноделна плоча го затвора багажникот. Отворена стои
хоризонтално поради што повисоките ќе удираат со глава
Но, што се случува кога задните седишта ќе се преклопат и
се извадат. Се ослободуваат неверојатни 3.000 литри со рамен под. Тогаш Berlingo
може да послужи не само за превоз. Во него може да се кампува. Од олку многу
простор не профитираат само товарните карактеристики, туку и патничките. Изобилство
од простор насекаде. Предните седишта со дополителни потпирачи за рака удобно
ги сместуваат возачот и совозачот. Патниците одзади подеднакво ќе се радуваат
на комфорот. Празниот простор меѓу предните седишта овозможува дури и при
возење совозачот да се прошета назад и обратно. Големите стаклени површини ја
олеснуваат прегледноста во сите правци. Единствено погледот преку кусата хауба
при маневрирање во тесен простор бара навикнување. Заоблената предница која и
дава карактер на квадратната каросерија всушност го отежнува пронаоѓањето на предниот
крајот на автомобилот. Но, се работи за навика. После еднодневно спровирање низ
градксиот метеж и преполни паркинзи се си легнува на место.
Просторот во кабината не е единственото што одушевува во Berlingo.
Изработката подеднакво заслужува пофалби. Арматурата, облогите на вратите, на
кровот, во багажникот делуваат солидно. Без оглед на тврдата пластика користена
за покривање на ламарината во кабината ништо не крцка, споевите се прецизни и
најважното има безброј места за одложување на ситнурии. И пред било кој да
забележи на тврдата пластика да потсетиме дека станува збор за комерцијално
возило, а не удобна патничка лимузина.
Ни се допадна и вклучувањето на светлата по стартување на
автомобилот. Конструкторите сметале на намената на Berlingo. Знаејќи
дека возачот во тек на еден работен ден безброј пати ќе влезе и излезе од
возилото што остава можност да заборави да вклучи светла. Затоа примениле
одлично решение. Светлата автоматски се вклучуваат по стартување на моторот за
возење дење. Навечер, сепак, мора да се активира вртливото копче на рачката зад
воланот за да се вклучи и осветлувањето на инструментите.
Возачот го окружува разигран дизајн на арматурата. Командите
се на дофат. Попрактично е копчињата за управување со предните стакла да се на
вратите
Штом ќе се смести зад волан, возачот сфаќа дека Berlingo
е забавен автомобил за возење и е далеку понапред од својот предок.
Всушност неговите возни карактеристики се доближуваат до патничките
автомобили. Тука до израз доаѓа платформата на
PSA врз која е поставен. Управувањето е прецизно, би рекле неприродно за едно
вакво возило, дури и нивото повратни информации што доаѓаат од предните тркала
изненадува. Сепак, тие што ќе бараат од Berlingo да биде спортист нека
помислат уште еднаш. Во куси и остри свијоци каросеријата се навалува,
и автомобилот бега преку предните тркала со изразено подуправување. Сето ова не е страшно,
но не е пријатно. Не треба да се претерува. Предните тркала тогаш се мачат да
остварат добар контакт со асфалтот, и во целост да го пренесат вртежниот
момент. Суспензијата одлично ги пегла нерамнините, поддесувањето е меко, не на
сметка на возните карактеристики, но сепак е меко.
Тупото буп што се слуша од задната оска е производ на
звучен ефект, не на проблематична амортизација. Имено огромниот багажник, поставен
со пластика и затворен со цврста полица делува како звучна кутија која го
засилува звукот од ударот па истиот делува погласно.
Моторот е тивок, се додека не одлучите да го натерате во
висок режим на работа. Тогаш се препознава дизелот од под хауба. Познат од
порано 1.6 литарскиот HDI во Berlingo остварува 75 коњски сили. Секако го има и во верзија со
90 и 110 КС, но оние што ќе сакаат економичен практичен превозник за прифатлива
цена слободно нека се одлучат за најслабиот. Нема да зажалат. Вртежниот момент
е доволно голем за да го бутка возилото дури и под оптоварување. Долгите
нагорници можат да се истуркаат со висок просек без претходен услов за добар
залет. Забрзување до кај 80. km/h задоволува, пресудно за во град. Доколку
продолжите да притискате на педалот за гас работите добиваат малку поинаков
тек. Полека почнува да се чувствува недостатокот од коњски сили и кога по долг
залет ќе се достигнат 130 km/h Berlingo како да наидува на ѕид. Му треба многу за да дојде до
максималната брзина од 150 km/h. Соборувањето брзински рекорди и нижењето свијоци во полн
залет не се во опис на работните задачи на Berlingo.
Секогаш извалкан багажникот на еден транспортер.
Пластичните облоги го олеснуваат товарењето и одржувањето
Затоа тој победува во други дисциплини. Со доплата можете
да добиете кутии обесени на кров и меѓу предните седишта, Modutop
кој всушност е обесен куфер од 60 литри, или пак, место него, внатрешни носачи
за скии кои не ја нарушуваат аеродинамиката на возилото. Секако кому ова му е
малку може да добие три одвоени седишта назад секое опремено со Isofix
место клупа со сооднос 2:1 и надворешни кровни шини. На кусо, еден куп играчки. Штета
што на доаѓаат сериски. Тогаш Multispace би бил уште попривлечен.
Предностите на Вerlingo како и кај
претходникот се сокриваат зад добрите идеи на неговите креатори, а тоа се
карактеристики на комерцијално возило, многу простор, практичност,
варијабилност, големa можност за товарање, огромен багажник, споени со убаво
уреден ентериер, стилизиран дизајн и прифатлива цена.
Основна цена: 16.160 евра
Сериска опрема: ABS +
EBD, 2 воздушни перници, клима уред, серво волан, темни стакла, две странични
лизгачки врати, централна брава со далечинско, електрика на предни стакла,
електрика на ретровизори.
Дополнителна опрема: металик
боја 370 евра, светла за магла 135 евра
Citroen New Berlingo 1.6 HDI
|
| Мотор |
Дизел
|
| Распоред на цилиндри |
Реден |
| Број на цилиндри |
4 |
| Вентили |
4 на цилиндар |
| Брегасти вратила |
2 во глава на мотор
|
| Зафатнина (cm3) |
1560 |
| Моќност kW (KS)/вртежи |
55(75)/3000 |
| Вртежен момент Nm/вртежи |
185/1750
|
| Менувач |
5-степен мануелен
|
| Погон |
На предни тркала
|
Сопирачки напред
|
Вентилиран диск
|
| Сопирачки назад |
Диск |
| Гуми |
195/65R15
|
| Багажен простор (l) |
675 до 3000
|
| Резервоар (l) |
60 |
| Д/Ш/В (mm) |
4380/1810/1812 |
| Меѓусокино растојание (mm) |
2728 |
| Тежина на празно возило (kg) |
1407 |
| Носивост (kg) |
633
|
| Максимална брзина (km/h) |
150 |
Забрзување 0-100 (km/h)
|
17.1 sec. |
Забрзување од место 1 km
|
-
|
| Потрошувачка (l) |
7.0/5.0/5.7 |
| Емисија СО2 (g/km) |
150 |
Цена на тест возило
|
16.665 евра |
|