Get Adobe Flash player

Tест: Fiat Qubo 1.3 Mjet Elegant
20.07.2009
fiat-qubo-test-vozi-1.jpgСоздавањето фамилијарни превозници од докажаните товарни верзии е честа пракса меѓу производителите на автомобили. Fiat негува традиција во оваа сфера и товарниот Fiorino го претвори во патнички Qubo.

За разлика од останатите фамилијарни комерцијалисти во гамата на Fiat кои носат исти имиња, најмалите и најновите, сепак, имаат различни имиња, Fiorino и Qubo. Одговорните во Fiat повеќе не сакаат поистоветување на комерцијалната и патничката верзија. Иако во основа дизајнот е идентичен, покрај името разликата јасно ја докажуваат и разиграните дизајнерски детали со кои Qubo привлекува.

fiat-qubo-test-vozi-2.jpg

 

 

 

 

 

 

 

 

 
Fiat Qubo весело поздравува со широка насмевка. Црната решетка го обезбедува потребниот контраст

На прв поглед дури можете и да се прелажете дека можеби сепак станува збор за малку поразличен автомобил. Подножјето на страничните стакла, линијата која стрмо се издига кон задниот дел му дава доза на динамика на инаку коцкестиот облик на комбито. Qubo можеби е единствениот автомобил на светот кого името јасно без двојби го опишува во целост. Браво за идејата.

Најголемите измени во однос на Fiorino се кабината и багажникот. Сличностите завршуваат кај дизајнот на арматурата. Вградените материјали се различни и поквалитетни, фиоката пред совозачот се затвора, се нудат детали како кожен волан и рачка на менувач, висинско местење и греење на седишта, електрика и греење на ретровизори, патен компјутер кој дава подетални информации, аудио систем... Кабината и багажникот се поставени со тепих место со гума, одзади има две лизгачки врати кои го олеснуваат пристапот до задната клупа.

Споредено со Fiorino, внатре Qubo делува како од друг свет. Не треба да чуди. Во Fiat одлично си ја завршиле работата. Fiorino е наменет за товарање, а Qubo за патување. Она што е идентично и проблематично е високото седење кое ги заморува нозете. Местењето на возачкото седиште по висина малку ја поправа работата, сепак, не чини чуда. Но, високо седење е единствен начин во кус автомобил да се добие простор по должина.

fiat-qubo-test-vozi-3.jpg

 

 

 

 

 

 

 

 

 
Профилираното предно крило го нагласува разиграниот дизајн и личи како да се претопува во браникот

Кубичната форма на Qubo е основа за многу простор во кабината. Место има во изобилство, и по должина, и по ширина, и по висина. Доколку зад волан седи човек висок 1,90 m зад него удобно патува човек од 1,85 m. Проверено. Заради рамните и високи страници одзади комфорно патуваат тројца без да гужваат раменици.

Во Qubo посебно уживаат најмалите. Првенствено затоа што разиграниот дизајн и не случјно избраната светло зелена метална боја мамат насмевка на нивните лица, второ затоа што за нив одзади има место во изобилсто и трето затоа што со себе можат да ги земат омилените играчки. Без тато да додева дека токму таа играчка мора да остане дома бидејќи нема место.

Но, не само тие. Qubo e измислен за протнување низ градски метеж и тесни паркинзи, идеален е за сите они кои воедно имаат потреба од комерцијален и фамилијарен превозник, сите оние кои сакаат да патуваат, имаат хоби кое бара поголем автомобил со поголема носивост, а сепак, сакаат да бидат шик и да бидат забележани. Со Qubo основните потреби и афирмацијата на идентитетот се загарантирани.

fiat-qubo-test-vozi-4.jpg

 

 

 

 

 

 

 

 

 
Обложен со кожа и профилиран воланот убаво лежи во рака. Кожата и командите доаѓаат со доплата. Blue & Me функционира едноставно. Податоците од патувањето снимете ги на USB memory stick и читајте ги од PC. Внимателното анализирање може да научи да се штеди повеќе кога се вози

Дизајнот и практичноста се едната страна од медалот наречен Qubo. Возењето е другата која е подеднакво светла.

Под хаубата работи проверениот трубо дизел 1.3 Mjet кој кон предните тркала испраќа 75 КС и поважното вртежен момент од 190 Nm расположиви при 1.750 вртежи. Ако се суди според бројките вистиснкиот удар од снага треба да се почувствува при ниски вртежи. Во пракса работите стојат малку поинаку. Доколку сте за штедливо возење и доколку стрелката на бројачот на вртежи игра околу бројката 2 перформансите се далеку од експлозивни, а ударот во грб отсуствува нешто што би се очекувало од современ дизел. Моторот дава доволно џус за да се совладаат стрмните делници но не клоца. Да не заборавиме се работи за 1.3 литарец.

За подинамично возење моторот треба да се врти. Дури кога стрелката на бројачот на вртежи ќе ја надмине бројката 3 тогаш моторот навистина почнува да дише со полни плуќа и е подговен за големи предизвици. Лесно се справува и со тежината на возилото и товарот, но и со отпорот на воздух при повисока брзина. Одржувањето на релативно високо темпо на автопат, малку под максималната брзина не претставува проблем. Плус радува фактот дека во кабината е тивко дури и кога моторот е во горно работно подрачје. Добро е придушено и струењето на воздух, а изолирани се и звуците од патот.

fiat-qubo-test-vozi-5.jpg

 

 

 

 

 

 

 

 

 
Простор за ситници и во задните врати. И тука во Fiat не се штедело. Отворот е обложен со ткаенина

Ново задоволство Qubo приредува кога се вози низ свијоци. Ако чекате високата коцкеста каросерија да се навалува премногу следи разочарување. Навалувањето е минимално, а брзината со која се совладува свијокот ќе изненади многу автомобили. Qubo мирно ја следи зададената линија. Тракцијата е одлична. Во брзо одвозени свијоци задникот се поместува кон надвор местејќи го Qubo за излез од свијокот. Тука нема нагли реакци. Подуправување е изразено само во куси свијоци кога ќе се претера со ентузијазмот. Дури и тогаш топката лесно се симирува, кусо одземање на гас и Qubo веднаш го вовлекува носот. Управувањето е прецизно, тежината на воланот одмерена. Qubo мами да се вози брзо низ свијоци, ги надминува очекувањата и е далеку подобар од Fiorino на ова поле.

Qubo вози постегнато од својот товарен брат. Во Fiat се колнат дека подвозјето е идентично со Fiorino и дека нема промена во сетапот на суспензијата. Доколку е така тогаш разликата во возните карактеристики се упатува до поголемите, пошироки и пониски гуми на Bridgestone поставени на леснометални бандажи. За нив се доплаќа, но сметаме дека инвестицијата се исплатува.

Шик, допадлив, практичен, варијабилен, Qubo освојува. Успешно го оскрива комерцијално потекло и наметнува нов идентитет. Полн опрема во нашиот случај се прикажува како комплетен другар при патување, но и во секојдневието на градскиот метеж. Спремен е да работи, да вози семејството, да приредува задоволства и мами насмевка на лицето на возачот. Fiat Qubo е еден мал, голем комби.

Основна цена: 13.940 евра

Сериска опрема: ABS+EBD, 4 воздушни перници, клима уред, серво волан со местење по висина и длабочина, електрика на предни стакла, централна браво со далечинско, електрика и греење на ретровизори, висинско местење на возачко седиште, патен компјутер, поделена задна клупа со можност за целосно отстранување, две задни лизгачки врати, браници во боја на каросерија, светла за магла.

Дополнителна опрема: метална боја 280 евра, леснометални бандажи од 16 инчи со гуми Bridgestone Turanza 195/55 R16 400 евра, кожен волан и рачка од менувач 150 евра, греење на возачко седиште 120 евра, радио со CD + МР3 340 евра, Blue & Me 250 евра, команди на волан 250 евра, мрежа во багажник 30 евра, кровни носачи 150 евра.

 Fiat Qubo 1.3 Mjet Elegant
 Мотор  Дизел
 Распоред на цилиндри   Реден
 Број на цилиндри   4
 Вентили  4 на цилиндар
 Брегасти вратила   2 во глава на мотор
 Зафатнина (cm3)  1248
 Моќност kW (KS)/вртежи  55(75)/4000
 Вртежен момент Nm/вртежи  190/1750
 Менувач  5-степен мануелен
 Погон  Напред
 Сопирачки напред
 Вентилиран диск
 Сопирачки назад   Барабан
 Гуми   195/55 R16
 Багажен простор (l)  350 до 2.500
 Резервоар (l)  45
 Д/Ш/В (mm)  3864/1716/1721
 Меѓусокино растојание (mm)   2513
 Тежина на празно возило (kg)  1275
 Носивост (kg)   425
 Максимална брзина (km/h)    157
 Забрзување 0-100 (km/h)    - sec. 
 Забрзување од место 1 km
 - sec.
 Потрошувачка (l)  5.7/3.8/4.5
 Емисија СО2 (g/km)  119
 Цена на тест возило
 15.910 евра


 
Get Adobe Flash player