Get Adobe Flash player

Тест: Jeep Patriot 2.0 CRD Limited
27.01.2009
jeep-patriot-2.0-crd-mkd-1.jpgЛегендата за неуништливиот теренец кој ја доби Втората светска војна продолжува да гази по востановените стапки. Денес насоките влечат во друг правец, но с'ржта останува иста.

Доказ е новиот Patriot кој добива подеднакво голема и значајна улога како и неговиот далечен предок. Сега улогата не е да се добие војната против фашизмот, туку против конкуренцијата.

Patriot влегува во борба во сегмент на популарните SUV како Honda CR-V, Toyota RAV4, Land Rover Freelander, a поради своите компактни димензии сака да земе дел од пазарниот колач и на новодојдените кросовери како што е еден Nissan Qashqai. Тука пред се ќе му помогне препознатливиот стајлинг на огромната предна маска со седум вертикални отвори кои недвосмислено говорат за потеклото. Bисока хоризонтално поставената хауба преку која лизга погледот, но и она најважното за современиот купувач, фер цена и многу опрема.

Patriot е влезницата за во царството на Jeep. Тоа значи задолжителен погон на четири тркала, моќен мотор, добри возни карактеристики надвор од асфалт.

jeep-patriot-2.0-crd-mkd-2.jpg









 

Препознатлива предна маска и квадратните форми јасно говорат за потеклото, дури и ако беџот го нема

Мачо изгледот освојува од прва. Рамните површини кои ја сочинуваат квадратната каросерија, прават Рatriot да личи робусно и да повикува на авантура. Токму квадратните форми даваат лажна слика за димензиите на Patriot. Всушност тој е многу покомпактен отколку што се чини на прв поглед и што е најважно отскокнува од стереотипот на модерните SUV. Patriot неможе да се замени со било кое друго возило и токму тоа го прави посебен, посакуван.

Квадратните форми продолжуваат внатре и ја дополнуваат мачо претставата за Patriot. Пластиката на арматурата и низ кабината е тврда, мазна и делува евтино. Дефинитивно во Jeep можеле подобро. Но, после првото валкање мислењето се менува и идејата кристализира. Практично. Само еден потег со крпа и кабината свети. Пластиката е отпорна на гребење и најважното не крца дури и кога се вози по макадам.

Простор има доволно и напред и назад. И по должина, и по ширина, и по висина. Задната клупа има куса седечка површина и повисоките патници назад ќе се жалат од уморни нозе при подолги патувања. Влегувањето одзади бара спровирање заради тесниот отвор што се сокрива зад задните врати. Замерката би отишла и до малиот и плиток багажник чив волумен страда поради резервното тркало во полна големина.

jeep-patriot-2.0-crd-mkd-3.jpg


 


 


 


 



Замерката за плиткиот багажник ја надополнува соборувањето на потпирачот на совозачкото седиште. Тука можат да се пренесуваат дооолги предмети

Patriot е SUV, но сепак е Jeep, а суштината на еден Јeep се теренските способности. Околу ова многумина ќе вртат со глава гледајќи во ниско поставената каросерија и сознанието дека примарниот погон е напред, а задните тркала се вклучуваат по потреба. Но, да се стрпиме.

Jeep во Рatriot го вградува погонот 4х4 наречен Freedom Drive кој вртежниот момент го префрла на задните тркала веднаш откако предните ќе загубат тракција. Тоа не е се. Freedom Drive е во способност да го префрли вртежниот момент до 100% на едно индивидуално тркало доколку останатите три пролизгуваат. Плус, Patriot нуди блокада на централниот диференцијал. Иако не станува збор за класична блокада вртежниот момент се распоредува подеднакво на предна и задна оска до брзина од 15 km/h. Воедно се менува и функцијата на контролата на тракција и на ABS кои во тие моменти дозволуваат пролизгување на тркалата, патем ESP не ја намалува снагата на моторот. Сепак, ако сте на терен најдобро е да се исклучи ESP преку копче на централната конзола.

Така Patriot одлично се снаоѓа на терен, совладува препреки и на снег и во кал, се качува по стрмен терен и кога се лизга, и се извлекува од ситуации пред кои повеќето сопственици никогаш нема да го исправат. Добрите теренски способности единствено ги ограничува малиот клиренс. Направен е компромис, бидејќи реално Рatriot многу повеќе ќе крстосува по патиштата отколку низ беспаќата. На асфалт се снаоѓа подеднакво добро, дури и би додале изненадувачки добро за еден SUV.

Подвозјето претставува успешна комбинација меѓу потребата за впивање нерамнини и удобно крстосување и способноста за совладување свијоци. Фрлете го во свијок и подгответе се за изненадување. Навалувањето на каросеријата е неочекувано мало за ваков тип возило. Управувањето е прецизно, тежината на воланот добро одмерена со доволно повартни информации па така во секој момент возачот знае што се случува со предните тркала. Како да возите добро избалансиран компакт со преден погон. Дури и при претерување тешко е Patriot да се исфрли од рамнотежа. Сепак, треба да се внимава. Против законите на физиката не се може, а Patriot има повисоко тежиште отколку еден автомобил.

jeep-patriot-2.0-crd-mkd-4.jpg


 


 


 


 


 
Рачка за вклучување на блокада на централниот диференцијал во форма на
T. Едно подигнување и Patriot
се претвора во добар теренец

Тежината од преку 1.5 тони не се чувствува. Најмногу поради дизелот земен на заем од VW. Дволитарецот остварува 140 КС и најважното вртежен момент од високи 310 Nm расположиви од 1.750 до 2.250 врт/мин. Во реалност на моторот му недостасува онаа навалица од снага која се очекува од современите дизели. На старт постои задршка и дури кога стрелката на бројачот за вртежи ќе заигра околу бројката 2 тогаш почнува да се случува нешто. Карактеристиките се сменети и за да се извлече максимум потребно е да се користи целото работно подрачје на моторот. Тоа не претставува проблем поради одличниот менувач со куси и тврдо одредени одови, но и поради желбата на моторот да се врти дури и кога ќе се надминат 4.000 вртежи каде се остварува максималната моќност.

Познат по својот резок и груб звук овој дизел воопшто не ги напаѓа чулните сетила на патниците. Добрата звучна изолација ги пропушта несаканите звуци само додека моторот е ладен. Откако ќе се постигне работната температура звучната кулиса ги менува и бојата и интензитетот. Добрата изолација се чувствува и при висока патна брзина. Тогаш во кабината е тивко дури и од струењето на ветерот околу квадратната форма чии аеродинамички карактеристики се далеку од добри.

Patriot е добро избалансиран автомобил. Вози подеднакво добро и на терен и на асфалт. Носи препознатлив стил, неповторливо чувство на авантура, добра опрема и прифатлива цена. Значително пониска од големите SUV конкуренти и доволно ниска за да го нападне сегментот на кросовери и на комби верзиите на автомобилите од средната класа.

Токму поради ова веруваме дека ќе најде доволно поклоници и на нашиот пазар. Иако би сакале малку поинаква пластика на арматурата, која доаѓа со верзијата за 2009.

Основна цена: 25.990 евра

Сериска опрема: ABS + EBD + BAS, ESP, електронска контрола против превртување ERM, 6 воздушни перници, клима уред, централна брава со далечинско, аларм, светла за магла, радио со CD, електрични греени ретровизори, електрика на стакла, темпомат, кожен волан, YES Essential текстилни седишта отпорни на валкање и флекање, мобилна батериска лампа, патен компјутер со компас и термометар, леснометални бандажи од 17 инчи и гуми 215/60.

Дополнителна опрема: металик боја 435 евра.

 Jeep Patriot 2.0 CRD Limited
 Мотор  Дизел
 Распоред на цилиндри   Реден
 Број на цилиндри   4
 Вентили  4 на цилиндар
 Брегасти вратила   2 во глава на мотор
 Зафатнина (cm3)  1968
 Моќност kW (KS)/вртежи  103(140)/4000
 Вртежен момент Nm/вртежи  310/1750 - 2250
 Менувач  6-степен мануелен
 Погон  На четири тркала
 Сопирачки напред
 Вентилиран диск
 Сопирачки назад   Диск
 Гуми   215/60R17
 Багажен простор (l)  320 до 721
 Резервоар (l)  51
 Д/Ш/В (mm)  4108/1785/1658
 Меѓусокино растојание (mm)   2635
 Тежина на празно возило (kg)  1645
 Носивост (kg)    365
 Максимална брзина (km/h)    189
 Забрзување 0-100 (km/h)
 11.0 sec. 
 Забрзување од место 1 km
 -
 Потрошувачка (l)  8.3/5.5/6.6
 Емисија СО2 (g/km)  176 
 Цена на тест возило
 26.425 евра


 
Get Adobe Flash player