Огнена Топка. Со овие два збора се опишуваат метеорите. Го осветлуваат небото
ноќе и се разликуваат во монотонијата на ѕвездите. Colt сака да биде
како нив, сака да биде различен.
Личи на голема топка снег, викаа дечињата од блискиот парк.
Хм..., деца. Радоста од првиот снег им ги опседнала мислите,
си мрморам во себе. Но, морам да признаам идејава со топката воопшто не е лоша.
Децава се во право. Колку наивно, а колку моќно. Навистина личи на топка. Не каква
било топка, тука некоја од оние лутите. Некоја од оние што ги брка јунаците од цртаните
филмови кога ќе направат белја. Забрзува како мисла, сопира во место, се прикрадува,
изненадува, напаѓа и на крај секогаш ја погодува целта казнувајќи го обоениот неранимајко.
Совршен пример, нема што. Малечково би можело да биде токму
тоа. Нестварна магична заводливост, која мами искрена насмевка без оглед на возраста.
Тука престануваат предрасудите и се бришат границите. Мозокот е подготвен да прими
нови идеи и да научи да мисли поинаку или само да прифаќа. Можеби не секогаш треба
да се мери, става на вага и на крај да се извлече заклучок. Понекогаш треба само
да се прифати понуденото. Не се знае, можеби е тоа тоа вистинското.
Mitsubishi уште со првата
генерација на малечково погоди во центар, а сега само го подобрува резултатот. Луто
како пиперче, со нова маска, накострешено и згрчено како пред скок. Ова топче личи
дека бришка дури и кога стои. Тука единствениот опис е динамичност.
Името е испишано на праговите од предните врати. Колку да потсети дека се возите во парче автомобил со педигре
Рамно исечениот задник го префрлува тежиштето кон напред.
Линиите како да тргнале од назад и напред и се споиле во една точка. Каде ли само
можеа да се видат вакви цртачки потези? Секако, кај авионите ловци. Таму носот паѓа
ниско, а куполата е озгора и дозволува одличен поглед наоколу. За да може на време
да се забележи непријателот. Од таму доаѓа и името на новата предна маска
крстена Јet-fighter или
млазен авион ловец.
Со кус преден капак, надувана кабина и отсечен задник, прегледноста
кај Colt е како
кај летачките машини, а малите димензии дозволуваат да се протне секаде и да биде
забележан.
Несомнено цртачите на Colt современите
идеи ги пренеле и во внатрешноста. Секако, таа е слична на постариот брат. Просторната
арматурна плоча го впива погледот при првиот допир со кабината. Масивноста е тука
за да ја пополни празнината до подножјето на предното стакло, кое е турнато далеку
напред. Вообичаено за моноволуменец. Да, токму така. Colt припаѓа кај
едноволуменските возила, но сепак, дизајнерите
успеале да наметнат спортски карактер својствен за марката. Затоа во внатрешноста не е тесно, иако станува збор за
автомобил едвај две педи подолг од 3,5 метри.
Дури и назад е комфорно.
Задната клупа нуди полн комфор. Третиот ремен ја зголемува безбедноста, но недостасува потпирач за глава
Погледот место преку хауба лизга преку разиграните релјефни
форми на арматурата и паѓа на патот. Се чини забавно, посебно кога пред себе имате
комбинација од хармонични форми и спортски дупки обрабени со сребрена пластика. Да не заборавиме, тука се и вртливите копчиња на системот
за проветрување со нова пластика, која при допир повеќе не потсетува на капаче од
туба, а ја нема ни светлечката вертикална греда. И со право. Вака можеби е
поконзервативно, но дефинитивно е поубаво.
Colt повторно
од фабрика доаѓа само со пакети опрема. За дополнително разубавување на вашето милениче
ќе побарате во додатоците. Ова и не е толку лошо. Напротив. Го купувате автомобилот,
го запознавате подобро и доаѓате до заклучок дека сакате кожен управувач или, пак,
педали од лесен метал, можеби поинаква рачка за менувачот, хромирани лајсни на праговите,
па дури и спортски седишта. Се е дозволено. Ќе нарачате кај продавачот, го оставате
автомобилот во овластениот сервис и по неколку часа веќе седите во нови седишта,
а рацете го милуваат кожениот управувач. Едноставно и ефектно.
Кој милува дотеран автомобил, милува и да вози. Кај Colt тоа е императив.
Го ставаме клучот во брава, свртуваме и таму некаде од длабочина се јавува вредниот
1.3 литарски бензинец. За разлика од претходникот сега открива привлечна нота и
со убава звучна кулиса го наградува увото на сопственикот на овој градски спортист.
Фиоката пред совозачот собира многу, сокрива комора за шише од 1.5 L и ја разладува неговата содржина со помош на клима уредот
И што се случува кога педалот за гас се притисне посилно.
Лесно оди во повисоките вртежи, `ржи и некако луто дава на знаење дека неговите
95 КС не се тука само за на хартија и имаат практична вредност. Звучната кулиса
е пресудна кај градските тркачи. Прво треба да се слушне, потоа да се види и на
крај да се почувствува.
Прв степен гас и гледај чудо. Тркалата провртуваат во место
пред да го зграпчат асфалтот и да го повлечат автомобилот силно напред. Насмевка
го прекрива лицето. Втор степен, ја отпуштаме спојката и повторно гас, седиштето
силно притиска врз грбот, или беше обратно. Кому сега му е важна физиката. Colt вози и тоа
како. Ова, несомнено, ќе им се допадне и на Том и Џери. Па, ве молам, кој не би
сакал да има ваква огнена топка за свој пријател. Моторот гладува за вртежи.
Клика од радост кога се врти околу граничното подрачје и нема пад во снагата
дури и на границата кога на сила стапува лимитаторот на вртежи.
Потполното уживање единствено го расипува менувачот кој
знае да запне при брзо префрлање. За да се вдене саканиот пренос на време при
поживо возење треба концентрација.
Практичен патен компјутер кој со помош на GSI - Gear Shift Indicator создава штедливи возачки навики. Мала стрелка трепнува и информира кога е вистинско време да се префрли во повисок или понизок степен
Во свијоците долго останува неутрален, а при претерување носот
влече на надвор. Затоа, пак, задникот е мирен. Треба да се помачите ако сакате Colt да го исфрлите
од рамнотежа. Заслуга на гипкото подвозје, кое одлично си ја врши работата. Цврсто
и еластично. Не ги казнува патниците дури и при преминување преку многубројните
дупки на градските улици иако за нијанса е поцврсто отколку кај претходникот.
Некој за в град би посакал подвозјето да е дотерано помеко,
но тогаш би се загубила спортската нота. А тоа не му годи на имиџот на Colt. Што е право не
му годи ниту влажниот асфалт, а снегот најмалку. Но, тука данокот се плаќа
заради гумите производ на Kumho. Ова е непотребно
штедење.
Mitsubishi предизвика
контроверзи со новиот имиџ. Некому му се допаѓа, некому не. Но, тоа е работа на
вкусови и тука нема полемика. Сепак, лично сметаме дека Colt, пред сe, плени со својот
лик. Тоа е пресудно при запознавањето дури и меѓу луѓето. Штом ќе ви се допадне
однадвор, љубопитноста провртува и веднаш сакате да го запознаете и однатре, а
потоа и да ја доловите с`ржта. Тогаш шансите да се вљубите се поголеми.
Основна
цена: 11.290 евра
Сериска
опрема: ABS + EBD, 2 воздушни перници, клима уред, серво волан, темни стакла,
две странични лизгачки врати, централна брава со далечинско, електрика на
предни стакла, електрика на ретровизори со греење, радио со CD + МР3, патен
компјутер, кодиран клуч
Дополнителна
опрема: хромиран издув 55 евра, хромирана лајсна на задна врата
55 евра, хромирани капаци на надоврешни ретровизори 72 евра, сребрени прстени
околу отворите за проветрување 80 евра, hands-free со bluetooth 270 евра, заштитна лајсна на предните прагови со името на Colt 43 евра
Mitsubishi Colt 1.3 Inform
|
| Мотор |
Бензин
|
| Распоред на цилиндри |
Реден |
| Број на цилиндри |
4 |
| Вентили |
4 на цилиндар |
| Брегасти вратила |
2 во глава на мотор
|
| Зафатнина (cm3) |
1332 |
| Моќност kW (KS)/вртежи |
70(95)/6000 |
| Вртежен момент Nm/вртежи |
125/4000
|
| Менувач |
5-степен мануелен
|
| Погон |
На предни тркала
|
Сопирачки напред
|
Вентилиран диск
|
| Сопирачки назад |
Барабан |
| Гуми |
195/50 R15
|
| Багажен простор (l) |
220 до 1070
|
| Резервоар (l) |
47 |
| Д/Ш/В (mm) |
3940/1695/1550 |
| Меѓусокино растојание (mm) |
2500 |
| Тежина на празно возило (kg) |
970 |
| Носивост (kg) |
490
|
| Максимална брзина (km/h) |
178 |
Забрзување 0-100 (km/h)
|
11.1 sec. |
Забрзување од место 1 km
|
-
|
| Потрошувачка (l) |
7.4/4.8/5.8 |
| Емисија СО2 (g/km) |
150 |
Цена на тест возило
|
11.810 евра |
|