|
После долго, долго чекање конечно Audi вчера вечер официјално на затворена премиера за одбрани во музејот Pinakothek der Moderne во Минхен го претстави својот сосема нов модел A7 Sportback.

Интересно е што новиот модел Audi го претставува токму во Минхен во центарот на својот лут конкурент BMW и со тоа како да му фрла ракавица в лице. Купето со пет врати полно елеганција се исправува и пред конкурентот од Штудгарт.
Познатиот рецепт, клинеста форма како кај купе Audi ја соединува со прaктичност и со тоа сака да биде подобар од купето со четири врати на Mercedes, CLS и од BMW Серија 5 Gran Turismo.
Токму тоа е насоката во која ќе се движат експертите за маркетинг од Инголштад при рекламирање на А7 Sportback. За нив А7 го обединува најдоброто од трите сегменти: спортска елеганција на купе, комфор на седан и практичност на комби.
Audi со А7 најавува уште нешто. Како технички ќе излгеда новата генерација на А6 која ќе биде поставена на истата платформа. Дури се претпоставува дека А7 Sportback е дизајнерска смерница за новиот А6, слично како што А4 е дизајнерска смерница за A5 Sportback, но по обратен редослед.
Кога ќе се погледне автомобилот станува јасно дека дизајнот не отскокнува многу од истоимениот концепт. Разликата е во предните и задните светла кои се поголеми во однос на концептот, ретровизорите и ентериерот кој сега е многу поконвенционален.
Како кај својот поспортски брат Audi RS5 и А7 Sportback има спојлер на задната врата кој се подигнува при брзини повисоки од 120 km/h, а по димензии влегува точно меѓу А6 и А8 и мери 4.970 mm во должина 1.910 mm во ширина и само 1.420 mm во висина.
А7 Sportback во задникот сокрива багажник од 535 литри кој со соборување на задните седишта може да се зголеми до максимално 1.390 литри, плус благодарение на петата врата пристапот до товарниот простор е исклучително лесен со што А7 јасно ја истакнува својата практична страна.
На старт Audi под хаубата на А7 Sportback спакувал четири мотори два бензинци и два дизели сите со директно вбризгување на горивото, систем за регенерација на енергија од сопирачките и систем Старт/Стоп.
Бензинците ги застапуваат атмосферскиот 2.8 FSI и турбото 3.0 TFSI. И двата снагата ја испраќаат до сите четири тркала преку погонот Quattro и S-Tronic автоматскиот менувач со две спојки и седум степени на пренос.
Послабиот мотор остварува 204 КС при 5.250 врт/мин и максимален вртежен момент од 280 Nm од 3.000 до 5.000 врт/мин што е доволно да улови темпо 100 за 8,3 секунди и да вози со максимални 235 km/h. Просечната потрошувачка е 8,0 L/100 km.
Турбото остварува 300 КС меѓу 5.250 и 6.500 врт/мин и нуди максимален вртежен момент од 440 Nm меѓу 2.900 и 4.500 врт/мин. Со него А7 до 100 km/h спринтува за 5,6 секунди, оди до електронски ограничени максимални 250 km/h и во просек троши 8,2 L/100 km.
Дизелската понуда ја сочинува еден мотор во две изведби. Се работи за 3.0 TDI кој во послабата верзија остварува 204 КС меѓу 3.750 и 4.500 врт/мин и максимален вртежен момент од 400 Nm во изведбата со погон напред и 450 Nm во изведбата со погон на четири тркала.
Со погон напред овој дизел до темпо 100 стигнува за 8,1 секунди и вози до максимална брзина од 234 km/h, а потрошувачката во просек изнесува 5,3 L/100 km. Податоците за Quattro изведбата Audi сеуште не ги дава.
Помоќната изведба која подразбира комплетна реконструкција на 3.0 TDI нуди 245 КС меѓу 4.000 и 4.500 врт/мин и 500 Nm вртежен момент меѓу 1.400 и 3.250 врт/мин. Таа доаѓа исклучиво со погон Quattro и до 100 km/h спринтува за 6,5 секунди, а вози со електроснки ограничени максимални 250 km/h. Во просек троши 6,0 L/100 km.
Подоцна се очекuваат и бесните верзии на А7 Sportback кои трaдиционално за Audi ќе ги носат ознаките S7 Sportback и RS7 Sportback.
Audi најави дека со продажбата на А7 Sportback стартува на есен и ја објавува почетната цена од 51.650 европски банкноти која ќе важи за домашниот пазар.
|