Get Adobe Flash player

Lotus Evora 414E Hybrid
11.03.2010

Иако го препознаваат како производител на спортски ориентирани автомобили Lotus е една од марките која најмногу е посветена на заштедата на гориво, а притоа не сака да штеди на перформанси.

lotus-evora-414e-hybrid-2010-1

До сега од Lotus Engineering пристигнуваа многу најави за развој на технологии на хибриден, па дури и електричен погон, но секогаш за дурги производители. Дури годинава на салонот во Женева Lotus го претстави своето видување за спортски plug-in хибрид на иднината.

Концептот на хибрид е направен на основата на Evora и е крстен Evora 414E Hybrid заради моќноста од 414 КС што ги остваруваат двата електрични мотори кои независно ги задвижуваат секое од задните тркала.

Снагата се пренесува преку фиксен преносен однос независно на секое од тркалата овозможувајќи независна распределба на вртежниот момент во зависност од тракцијата со што се постигнува голема стабилност.

Покрај тоа што електромоторите функционираат како независен програм за електронска стабилност тие овозможуваат и смалување на кругот на вртење при маневрирање на паркинг. Тогаш еден електромотор се врти побрзо, а другиот поспоро обезбедувајќи дополнителен момент на свртување.

Секој електромотор покрај 207 КС испорачува и максимален вртежен момент од 400 Nm доволно за да му обезбедат на спортското купе возбудливи перформанси со спринт до 100 km/h покус од 4,0 секунди.

Електричната енергија потребна за напојување на електромоторите е складирана во литиум-полимер акумулаторски батерии кои можат да се полнат со приклучување на стандардна електрична мрежа.

Наполнети на максимум батериите и овозможуваат на Evora 414Е Hybrid да мине 56 km пред да се вклучи класичниот мотор кој има улога на генератор. Се работи за бензинец од 1.2 литри и моќност од 47 КС.

Бензинецот работи на константни 3.500 врт/мин има три цилиндри и е интегриран со генераторот. Моторот е изработен по нова технологија на градба. Блокот, главата на цилиндрите и издувниот вод се излиени во едно парче од легура на алуминиум.

Ваквиот начин на градба ги намалува трошовите потребни за склопување, ја редуцира тежината на моторот, го продолжува векот на траење и има пониска емисија на издувни гасови.

Моторот е способен да работи на бензин или етанол Е85 има два вентили по цилиндар и заедно со генераторот тежи 85 kg. Со едно полнење на резервоарот и на батериите Evora 414Е Hybrid има автономија од над 483 km.

Интересна технолошка новина претставена во Evora 414Е Hybrid е и можноста на едностепениот менувач во спортскиот модус на работа Sport да делува како 7 степен мануелен менувач кај кого степените се менуваат преку палки зад волан.

Без оглед што станува збор за хибрид на возачите на Evora 414Е Hybrid нема да им биде ускратено звучното доживување на моќен бензинец заради системот HALOsonic.Технологијата е развиена од Lotus и за неа веќе пишувавме.

Се работи за електронски синтетизиран звук кој се слуша и надвор и внатре. Ова значи дека електронски генерираниот звук на класичен мотор се менува постојано во зависнот од брзината на движење и менувањето на степените на пренос.

Отидено е до таму што се имитира звукот на менување на степените.

Електрониката која управува со менувачот и електромоторите при притисок на некоја од палките за менување покрај менување на звукот дозволува прекин во работата што резултира со мал удар што се чувствува како менување на степените кај класичните системи.

Дури и симулацијата при моторно сопирање е подеднаква како кај класичните мотори и менувачи и делува комплетно интуитивно кај возачот така што разликата е незабележлива.

Симулацијата на менувањето на степени по желба на возачот може и да се исклучи за порелаксирано возење.

Возачот дополнително може да избира меѓу четири различни звуци. Два од нив се на V6 и V8 мотор за кои инженерите во Lotus веруваат дека ќе бидат најмногу користени. Тука е и некаков футуристички звук кој потестува на зуење на електромотор и мешавина од футуристички звук и класичен бензинец.

Патентираниот систем на менувачот покрај тоа што ќе му овозможи на возачот да се чувствува како да е зад волан на автомобил со класичен погон овозможува подобрена контрола над возилото посебно во лоши услови на возење и зголемена ефикаснот со почесто користење на системот за регенерација на енергијата.

Evora 414Е Hybrid е вистински технолошки бисер којшто има за цел тестирање на новите технологии во реални услови и нивна понатамошна примена во сериските модели на Lotus.

 
Get Adobe Flash player