Get Adobe Flash player

Предвесник на Citroen DS4
15.02.2010

Citroen официјално го претстави концептот DS High Rider. Кросовер којшто ќе ја доживее светската премиера на салонот во Женева и е предвесник на серискиот DS4, конкурент на новиот Nissan Juke.

citroen-ds-high-ride-2010-1

Citroen DS4, односно концептот DS High Rider е вториот модел во луксузната серија на францускиот производител DS или „Different Spirit”. DS High Rider е концепт на кросовер со форма на купе и четири места за седење.

Поставен е на основата на Citroen C4, но има многу помускулест и попривлечен дизајн. Димензиите не отскокнуваат до оние на С4. DS High Rider во должина мери 4.26 m, широк е 1.82 m и висок е 1.48 m.

Впечатливиот дизајн почнува од муцката и хаубата кои влечат елементи од дизајнот на помалиот DS3 и на кои се надоврзува накосеното предно стакло кое пак продолжува во со кожа обложениот кров.

Динамиката доаѓа од високата странична линија и испакнатите крила со нагласени арки над тркалата, додека внимателно избраната златна боја со метален ефект и деталите од четкан не`рѓосувачки челик го нагласуваат луксузот и елеганцијата.

Citroen DS High Rider гордо стои на стилски изведените леснометални бандажи со двобоен финиш и брановидно дизајнирани пречки. Светлата за магла се во LED изведба и делуваат како слиени со предниот браник.

Различниот дух кој го промовира Citroen со серијата DS, дефинитивно провејува низ концептот DS High Rider. За жал порадикалните елементи во дизајнот, како издолженото предно стакло, леснометалните бандажи и светлата за магла тешко дека ќе бидат задржани кај серискиот модел.

Како и да е се чини дека сепак сериската верзија на DS High Rider, односно DS4 дизајнерски ќе биде значително поразличен од С4 отколку што е DS3 од С3.

Citroen ќе го прикаже DS High Rider како хибрид со погон на четири тркала каде покрај турбо дизелот кој ги задвижува предните тркала во комбинација влегува и електромотор задолжен за погон на задните тркала.

Всушност станува збор за хибридниот погон на PSA Peugeot Citroen, HYmotion4. Од Citroen за сега нема подетални информации кои се однесуваат на техничката страна на DS High Rider. Тие се очекуваат по претставувањето во Женева.

Сериското производство на DS4 треба да стартува во 2011.

 
Get Adobe Flash player